По пауза од три години, човекот на кого навистина не му е потребна никаква реклама и човекот на кого навистина не му се потребни никакви артибути и суперлативи во најавата – Ѓорѓе Балашевиќ доаѓа да одржи концерт за којшто сите знаеме дека ќе биде уникатен, соопштија од „Авалон продукција“.
На 19 мај, во 20 часот, ВИП арената „Борис Трајковски“ како и секогаш ќе биде преполна со фановите на Џоле, коишто тој ги нарекува „бистроооки“, не само од Македонија, туку и од цела поранешна Југославија, бидејќи има многу луѓе коишто го гледаат на сите негови концерти.
Во рамките на последната турнеја, во која беа навистина во рекордно време распродадени сите арени во регионот: загребската, белградската, „Зетра“ во Сарајево, „Спенс“ во Нови сад и други, „Авалон продукција“ се потруди да го донесе Балашевиќ во Скопје, во веројатно најубавиот месец во годината, месец мај, со желба убавите денови во 2018 година да бидат помногубројни од просечните.
Балашевиќ во изминатиот период ја објави својата нова книга продолжение на „Календар мог детинства“, како и фантастичната нова песна „Дно дна“, која предизвика огромно внимание низ целиот регион. Ѓорѓе Балашевиќ многу ретко, речиси дозирано одржува концерти и навистина ни е голема чест и задоволство што ќе го имаме и во јубилејната година на „Авалон“ и во Скопје, велат од продукцијата.
Влезниците ќе бидат пуштени во продажба утре, 15 февруари, во 9 часот наутро, преку продажната мрежа на „Купи карти за сè“ низ цела Македонија и онлајн.