По повод 75 годишнината од формирањето, „Македонската филхармонија“ в четврток, 21-ви ноември 2019 год. ќе одржи симфониски концерт симболично насловен „Среќен роденден“ на кој како солист ќе настапи исклучителната кинеска пијанистка Зи Зи.
Со оркестарот ќе диригира Борјан Цанев, а на програмата се Концертот за пијано и оркестар од Јоханес, „Фантазија корале“ од Томислав Зографски и варијациите „Среќен роденден“ од младиот македонски композитор Филип Иванов.
Имагинативна и возбудлива, кинеската пијанистка Зи Зи е една од најуникатните појави меѓу новата генерација пијанисти. Критичарите ја опишуваат како „полна со ентузијазам, гламур, младешка енергија“, а за нејзините изведувачки капацитети велат дека „може да ги пренесе слушателите во друга реалност“. Критичарите не ги штедат зборовите и за нејзината креативна зрелост, пишуваат дека таа во своите изведби е „моќна, страстна, полна со чист артизам“.
Зи Зи почнува на учи пијано на пет години во Германија. По враќањето во Кина, таа станува една од најзначајните млади пијанистки и настапува во водечките кинески оркестри. Своето музичко образование го комплетира на „Џулијард“ во Њујорк. Добитичка е на бројни награди, меѓу кои и на главната награда на натпреварот „Кралица Елизабета“ во 2013 година.
Борјан Цанев е еден од најактивните и најпродуктивни македонски диригенти. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија, Р.Бугарија. Во 2001 година специјализира на Кралскиот музички колеџ во Лондон, В.Британија. Посетува мајсторски курсeви и пракса кај диригентите Сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а подоцна му асистира на Сер Колин Дејвис во Моцартовата опера „Дон Џовани“ во продукција на Кралската оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Ман“ за најдобар диригент на Кралскиот музички колеџ, а настапува и со Лондонскиот симфониски оркестар во рамките на мајсторскиот курс на Сер Колин Дејвис.
Во изминативе 75 години „Македонската филхармонија“ континуирано расте и се развива, а денеска со својата звучност и капацитет е еден од водечките во регионот.