Промотер

Тања Кочовска се врати со песна за Тоше – „Светулка божја“ (АУДИО)

Тања Кочовска се врати со песна за Тоше – „Светулка божја“ (АУДИО)

Покрај тоа што е позната како долгогодишна успешна актерка во „Театарот за деца и млади“ и МНТ, Тања Кочовска претходно со години беше успешна пејачка на забавна музика. Позната и призната, со грст фестивалски настапи и победи, дузина награди и неколку безвременски евергрини како макфестовската „Твоите очи сине“, на пример.

Како и не би кога потекнува од едно од најпознатите македонски музички семејства, родителите Невена и Панче Кочовски членови на легендарните „Мањифико“ и сестра и Лидија…

Но, откако ја започна актерската кариера, таа полека ја напушташе естрадата, за на крај сосема да се повлече и посвети на актерството и театарот. Иако со години многумина композитори посакуваа и ја убедуваа да се врати, да испее нивна песна, Тања остана верна на својата цврста одлука да остане само во театарските води… Се до неодамна.

Имено, токму по повод 12 годишнината од трагичната загуба на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески, Тања Кочоска му посвети, или поточно му испеа песна, со која се врати на естрадата. Автори на баладата „Светулка божја“ посветена на Тоше се токму дел од луѓето кои му го трасираа патото во музичките ѕвездени височини на почетокот на кариерата, пишувајќи за него некои од неговите најголеми хитови или поточно безвременски песни како „Тајно моја“ на пример. Кире Костов, овој пат автор на аранжманот и продуцент на песната, Др. Миодраг Врчаковски – кој ги напишал стиховите, додека музиката за „Светулка божја“ ја компонирал Роберто Панчевски.

Тања Кочовска како и секогаш маестрална, беспрекорна во својата интерпретација, вдахновено, со многу чувство и сопствена експресија ја донела песната, која иако можеби делува старомодно од времето на фестивалските шансони од 80-ите и 90-ите, нејзиниот вокал звучи моќно и суверено царува.

Слушнете како звучи песната посветена на Тоше, на нашата „Светулка божја“:

To top