Промотер

Тања Станковиќ се враќа со „Љубов моја“

Тања Станковиќ се враќа со „Љубов моја“

Со поп-баладата „Љубов моја“, некогашната македонска поп пејачка Тања Станковиќ по долги години повторно се враќа на домашната музичка сцена. Иако таа е секојдневно во светот на музиката, со оваа мелодија таа нѐ потсети на времето на 1990-тите години кога беше меѓу најуспешните македонски поп-пејачи. Наградите и видеозаписите се сведоштво за нејзините успешни ангажмани и пред сѐ за нејзиниот талент. Иако веќе две децении Тања со својот сопруг -гитаристот Игор и семејството живее и работи во Чикаго, САД, таа е нераскинливо поврзана со Македонија, а на повеќе домашни радиостаници веќе се емитува нејзината нова песна.

„Сиве овие години работев претежно како студиска музичарка, a како композиторка повеќе бев фокусирана на спиритуалната музика, самата инспирација го насочуваше патот. Но песната ’Љубов моја’ едноставно дојде среде ноќ, како гром од ведро небо, комплетна сосе текстот и дел од аранжманот во глава. Го разбудив Игор и му кажав дека имам убава мелодија. Се разбира, не му требаше многу време за да стане и да се упатиме кон студиото во најдолниот кат од нашата куќа. Песната им е посветена на сите вљубени луѓе, кои сѐ уште веруваат дека љубовта е вистинска магија во животот и дека сѐ уште прави чуда“ – откри Тања во неодамнешен разговор за „Нова Македонија“, додавајќи дека пријатно е изненадена од реакциите на публиката.

„Македонската публика ме изненади многу пријатно. Надвор од Македонија сум нешто помалку од 20 години и кога по толку долг неактивен период на таа сцена некој ќе те поддржи со цело срце, за мене е тоа најголем комплимент како уметник. На Американциве им се допадна песната и ме форсираат да ја снимам и на англиски, па најверојатно и ќе го сторам тоа“- рече таа.

Нејзината нова песна можете да ја слушнете во продолжение:

To top