Мегафон анимиран филм

50 години македонски анимиран филм: Иван Ивановски и Слободан Јаќоски работат на проект со кој ДФРМ го одбележува јубилејот

50 години македонски анимиран филм: Иван Ивановски и Слободан Јаќоски работат на проект со кој ДФРМ го одбележува јубилејот

Стартуваше проектот „Македонски анимиран филм 1971 – 1991“ во онлајн форма преку лансирање на вебсајтот MACEDONIAN-ANIMATION.COM. Ова е прв проект кој ја разработува и документира оваа значајна тематика од македонската култура и е поврзан со јубилејот 50 години македонски анимиран филм, соопштија од Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).

Овој проект е дел од програмската активност на ДФРМ и неговата цел е да ја запознае јавноста со творештвото на пионерските македонски аниматори од 70-тите и 80-тите години, кои и покрај мноштвото домашни и меѓународни награди се подзаборавени и не го заземаат вистинското место во македонското филмско и културно наследство.

 

Приказната на македонскиот анимиран филм почнува пред речиси 50 години, во 1971г. со „Ембрио No. M“ на Петар Глигоровски. Глигоровски, заедно со Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов и Делчо Михајлов се генерацијата која ги поставува темелите на македонската анимација. Овие автори го достигнуваат својот зенит кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години – создавајќи извонредни филмови кои имаат учествувано и добиено значајни признанија на големи светски фестивали. Филмовите главно се продуцирани од Вардар Филм, институција во која креативноста и ентузијазмот на авторите, нивниот уникатен израз и идеја за анимиран филм се спојуваат со филмското знаење и искуство. Во тоа време кон нив се приклучуваат и други автори: Афродита Марковиќ, Мице Јанкуловски, Славољуб Игњатович, Мирослав Грчев и други кои заедно ја збогатуваат македонската кинематографија со повеќе од 30 анимирани филмови. Гледано од денешен аспект, по бројот и квалитетот на филмовите, ова може да се смета за златна доба на македонскиот анимиран филм.

Проектот ќе вклучува биографии, артефакти од самите филмови, рецензии, есеи, оригинални интервјуа и многу други содржини. Поради условите наложени од пандемијата избран е дигиталниот начин на претставување и промоција – освен вебсајтот, содржините ќе бидат промовирани и достапни на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм, во текот на целата 2021 година. Во иднина, кога условите ќе го дозволат тоа – планирана е изложба, публикација, како и ревија на анимираните филмови.

Автори на проектот се македонскиот аниматор и ликовен уметник Иван Ивановски и филмскиот промотер Слободан Јаќоски во соработка со Друштвото на филмски работници на Македонија, Кинотеката на Македонија и Вардар Филм. Проектот е финансиски поддржан од Град Скопје.

To top