Мегафон

Диригентот Џијан Емин реагира: Од Филхармонија намерно не сакаат „Оркестарот за џез музика во Македонија“ да работи

Диригентот Џијан Емин реагира: Од Филхармонија намерно не сакаат „Оркестарот за џез музика во Македонија“ да работи

По иницијатива на Здружението на џез музичари и слободни уметници, Владата неодамна донесе одлука за основање национална установа „Оркестар за џез музика во Македонија“. Веднаш потоа Владата донесе одлука новоформирната национална установа „Оркестар за џез музика“ просторно да биде сместена во објектот на Македонската филхармонија, а по потреба да го користи и музичко-сценскиот простор на Македонската опера и балет (МОБ).

На ваквата одлука реагираа вработените во филхармонијата сметајќи дека сместувањето на „Оркестарот за џез музика“ во објектот на Филхармонија е несоодветно и ќе направи повеќе штета, отколку полза, а реакцијата ја срочиле  во отворено писмо испратено до медиумите.

Матичниот диригент на ЗЏМ Биг бенд, Џијан Емин вели дека членовите на оркестарот се затекнати и вчудоневидени од реакцијата на голем дел од нивните пријатели, колеги и соработници од Филхармонија.  за кои вели дека тие не понудиле сериозен аргумент кој би го оправдал ваквиот нивни став.

Ваквиот став на вработените во Филхармонија предизвика револт и кај останатите членови на ЗЏМ Биг бенд. Џијан Емин својот став по ова прашање го искажа на својот Фејсбук  – профил, јавно споделувајќи ја следната објава:

„Во интерес на реалното информирање, директорот на Филхармонија, управниот одбор, концерт-мајсторите, водачите на групите, оркестарот, билетарките, нототекарките, правниците, сметководството, маркетинг служба, техничка служба; се радуваат и гордеат со концерти од типот на Божо Вречa, ‘Црвена јабука’ и настани како овој на видеото (сцена од претставата ‘Лепа Брена проект’) без срам со закана за штрајк, кажуваат дека не може и нема Биг бендот на ЗЏМ да работи во филхармонија, затоа што тие така сакаат. Јас не се согласувам со ова, вие почитувани граѓани?“