Пред да станат ДНК, двајцата членуваа во други бендови. Андреј беше во ТНТ, а Панчо во ОК. Но кога нивните бендови се распаднаа, велат, решиле да пробаат нешто заедно. Немале очекувања и мислеле дека ќе траат само неколку години. „Не верувавме дека ќе дојдеме до дваеска“, ни кажаа во разговорот.
Андреј за себе вели дека е смирен, а Панчо е бунтовникот кој секогаш гласно кажува што мисли. „Слични сме карактерно, ама и различни и најверојатно тоа нè држи заедно сите овие години. Андреј многу пати го јадел заради мене, ама знае дека работите не ги правам за внимание и собирање поени“, вели Панчо во муабетот за „Репортер“.
Дури и кога се сликаат со луѓето за кои донираат, тоа го прават за да поттикнат и други да се вклучат во иницијативата, велат тие, не за да се фалат што направиле.
Забавни, секој на свој начин, Панчо и Андреј ни раскажаа интересни приватни приказни.
Панчо ни кажа дека на снимањето на новиот спот првпат пробал свинско. Тука се муабетите и за Перо Антиќ, со кого се родени на ист ден, па Панчо вели дека му зел 10 сантиметри од висината, но и за МЗТ, другарството со Елиф Елмас и тетоважите. Ни откри и дека е колекционер на патики, па има преку 140 пара.
„Најскапите ми се Џорданки и ги платив околу 480 долари. Јас си ги лечам фрустрациите на тој начин, пошто како дете сум немал и мајка ми не можела да си дозволи повеќе од еден два пара да ми купи, па сега синовите секогаш имаат врв патики“, искрен е Панчо.
Андреј, пак, со многу љубов зборува за ќерката Јана за која вели дека му пополнила празнина што и не знаел дека ја има.
„Кога ќе погледнам во огледало, не се гледам само себе, туку ја гледам и неа. И знаеш, да не беше сопругата Наталија, мислам дека можеби и ќе останев сам во ова префригано време. Таа ме освои со природноста, нормалноста, скромноста“, ни раскажа тој низ емоции.
Зборувавме и за пријателството со Наум Петрески, за кого вели дека е рокер и често знаат да запеат некоја рок-песна, но и за времето кога глумеше во скечовите на К-15 со Бубо, Миле и Тошо…