Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“ продолжува со своето 14. издание кое во наредните три дена ќе се одржува во пациото на Н.У. Завод и Музеј-Битола.
Фестивалот со целовечерен концерт вечерва, среда 22 јули ќе го отворат „Чалгија саунд систем“, додека утревечер, четврток 23 јули ќе настапат „Баклава“, а фестуивалот ќе заврши в петок, 24 јули со концерт на групата „Љубојна“.
„ Инспирацијата на фестивалот е старата традиција во градот на конзулите, средби со кафе и локум. Се обидуваме да ја одржиме таа традиција бидејќи е важна за нашето културно наследство, но и за заживување на културниот туризам во нашиот град“, истакна организаторот Тоше Ивановски во пресрет на вечерашниот почеток на 14-то издание на „Локум фест“ во Битола.
Фестивалот ќе се одржи со задолжително носење заштитни маски, бројот на влезници е ограничен, а посетителите треба да доаѓаат еден час порано пред секој концерт.
Фестивалот е дел од националната програма на Министерство за култура, а е поддржан и од Општината Битола. Фестивалот се одржува традиционално во старата битолска чаршија. Годинава за првпат, поради корона епидемијата, се оддржува надвор од чаршијата.