Европска диплома и висок квалитет на работа со докторанди се двете клучни предности што ги нуди Словенија за странските студенти на 3 степен образование. Иако Словенија и Македонија се две слични, сепак се и многу различни, држави. Слични по големина и менталитет на сопствените жители, но различни според стандардот на живеење, еколошката свест, културолошката развиеност, политичкото милје и што е најважно, квалитетот на образовниот систем.
Предноста која европската диплома ја нуди за побрзо да се валоризира вложеното во едукацијата ги зголемува интересот меѓу Македонците да се школуваат надвор од државава. Интересот за студии во Словенија сè повеќе расте меѓу македонските академски граѓани кои одлучуваат своето високо образование да го реализираат надвор. Причините се бројни, како географската близина, јазичната блискост, но преовладуваат оние кои се поврзани со квалитетот на образованието, бизнис потенцијалите, односот меѓу професорите и студентите што се опишува како поотворен и можноста да се напредува преку интеракција.
Словенија, всушност, е „портата“ на Македонија кон земјите на Европската Унија. Сите овие квалитативи на оваа земја се магнет за македонските интелектуалци. Затоа, од оваа година и Факултетот за применети општествени студии и Факултетот за медиуми, високо реномирани образовни институции, ги отворија своите врати за македонските доктори на науки.
Важно е да се напомене дека Факултетот за применети општествени студии, од оваа година, е добитник на Жан Моне центарот за извонредност (Jean Monnet Centre of Excellence), кој претставува ЕУ стратешка опсерваторија за Европа 2030. Со ова, всушност, се дава признание за одличниот статус на овој факултет во Европската Унија.
Во Словенија се добива диплома која има европско значење, но претставува круна на светско знаење во дадена област. Потенцијалните доктори на науки работат индивидуално на својата докторска дисертација, но под менторство на искусни професори. Индивидуалната работа вклучува самостојно проучување литература, подготовка и презентација на индивудални проекти, потоа истражувачка работа на студентите во истражувачки проекти во рамки на учењето и подготовка на докторска диспозиција и дисертација.
Исто така, на ФПОС и на ФАМ, во последната деценија, наставата се изведува според декларацијата од Болоња. Нашите студенти – доктори на науки слушаат предавања на англиски јазик, но за прв пат, може својата докторска дисертација да ја подготват и да ја одбранат или на англиски или на српски јазик. Со ова, всушност, се надминува сериозен проблем на генерациите кои не го изучуваа англискиот јазик во својот процес на образование.
Да се добие диплома од Словенија за докторски, тригодишни, студии значи дека се совладани фундаменталните теоретски и методолошки знаења во конкретната област. Искусни професори – теоретски и практично – го „менаџираат“ знаењето и процесот на совладувања на знаењето. Студиите се добро структурирани и практично, студентите се водени од многу искусни супервизори.
Одлична предност да се студира на овие две високо-образовни институции е и можноста многу малку да се патува во Словенија. Станува збор за минимален број денови за престој, а тоа е значајно за сите кои се вработени или ангажирани во Македонија кои сакаат да го продолжат своето образование во оваа европска држава. Користејќи ја технологијата, всушност, се совладува географската одалеченост за дисеминација на образованието.
Докторот на науки добива низа генерални компетенции по завршување на студиите во Словенија. Секоја студиска програма е насочена кон знаење и владеење врвни вештини и инструменти за истражувања. Имено, секој завршен доктор на науки е способен да идентификува одредени истражувачки проблеми, да анализира и да најде соодветно решение, потоа да создава нови знаења како релевантен придонес во науката, да ги владее методите, процедурите и процесите на истражувачка работа, да биде способен за индивидуално истражување и развојна работа и способен да води тим истражувачи, да ја разбира важноста за квалитет и да се насочи кон квалитетна професионална работа преку себе-автономија, себе-критикување, себе-рефлексија и себе-евалуација во работата и да биде посветен на професионалната етика. Секој доктор на науки практикува иновативен пристап при користење и создавање комбинации од емпириските истражувачки методи (триангулација) и формира и имплементира оригинални научни решенија за конкретни научни предизвици.
Докторандите се вклучуваат во подготовка на многу меѓународни истражувачки проекти и се многу активни во соработка и размена на меѓународно ниво. Оваа можност ја гарантираат двете високо образовни институции Факултетот за применети општествени студии и Факултетот за медиуми затоа што се дел од многу меѓународни мрежи со високо-образовни институции и компании. Притоа, секој докторанд може да ја работи својата теза преку конкретен проект, со добивање база на податоци со кои располагаат факултетите или самостојно да избере и да работи своја индивидуална тема. И во двата случаи, потенцијалниот доктор на науки добива сериозна помош од колегите – докторанди, од повозрасните доктори на науки, од професорите и од самите образовни институции.
Забелешка: За сите информации, идните доктори на науки, може да дојдат на информативниот ден кој се организира на 02.09.2019 година во 17 часот и 30 минути во хотел Солун, центар на Скопје, кога професори од двата факултети ќе бидат присутни во Македонија и ќе ги објаснуваат сите потенцијали за студирање во Словенија.