80-тите години на минатиот век во Југославија дефинитивно беа одбележани со „новиот бран“ во рок ен рол музиката, уметноста, субкултурата и културата воопшто и бендовите кои „жареа и палеа“ во тие години. Таквата музика предизвика бунт кај младите, а авторите ги користеа своите песни за справување со светот и често создаваа стихови со содржини инспирирани од социјални теми.
Најголем од најголемите, според многумина, беше белградскиот бенд „ЕКВ“. Иако денес не е прва асоцијација со култниот бенд, Ивица Вдовиќ кого сите го знаеја како ВД беше една од иконите на југословенскиот рок и, според некои, човекот кој ги создаде бендовите „Шарло акробата“ и „ЕКВ“, онаков како што го знаеме.
За жал, В.Д. беше и првото официјално регистрирано ХИВ-позитивно лице во поранешна Југославија.
Кога еднаш зборуваше за Вдовиќ, покојната актерка Соња Савиќ, инаку голема пријателка на „ЕКВ“, изјави дека Белград веднаш му свртел грб и дека луѓето масовно го избегнувале поради неговата болест, пишува index.hr. Легендарната актерка тврдеше дека Вдовиќ е најважната личност на „ЕКВ“ и човекот кој го создал Милан Младеновиќ.
В.Д. ја создаде и Маргита Стефановиќ, бидејќи ја внесе во бендот кога таа му беше девојка.
Поради болеста, ВД ја напушти групата бидејќи со текот на времето свирките му станаа премногу заморни. Почина во Белград во 1992 година, од СИДА.
Соња Савиќ во интервју изјави дека по смртта на Ивица Вдовиќ тажната вест му ја соопштила на нивниот пријател од Загреб, пејачот и автор Дарко Рундек.
„Кога ме праша како умре, реков дека само паднал од креветот во некаква „инфективна кеса“ која никој не сакал да ја крене“ – се расплакала актерката, а Рундек наводно и одговорил: „ Живееше и умре како ангел“.
По ВД речиси сите членови на „Шарло акробата“ и „ЕКВ“ завршија трагично. Милан Младеновиќ, Маргита Стефановиќ, Бојан Печар… починаа млади од последици на ХИВ, срцев удар или прекумерно земање дрога… Како и самата актерка Соња Савиќ, додека еден од основачите на „Шарло…“, подоцна лидер на култните „Дисциплина кичме“, Душан Којиќ – Која, едвај преживува како последица од мозочниот удар кој го доживеа пред неколку години.
Вака изгледаше ВД и вака звучеа „Шарло акробата“ на една од песните („Нико као ја“) од нивниот единствен албум (КЛИКНИ ТУКА).