„Охрид фест“, во неговото 29-то издание, една година пред јубилејот ја потврди тезата дека фестивалите се одлична можност за промоција на песни и интерпретатори, музички мостови што спојуваат и оплеменуваат и дека се’ уште имаме златни грла кои ја бранат македонската песна до последната нота.
Во првата, Фолк вечер на „Охрид фест“, слушнавме 16 нови композиции, квалитетна музика што донесе освежување во фолкот: Наум, Зуица, Благица, Благоја Грујовски, „Академци“, „Чардак“, Катерина Танева.., и покрај дождот, оваа ноќ ја направија посебна а за убавото чувство е заслужна и водителката Каролина Петковска. Се разлеваа звуците од Долни Сарај, имаше песни, рефрени и стихови што останаа да се повторуваат.
Стручното жири на фестивалот им додели награди на: Наум Петрески, кој со песната „Не се откажав“ го освои врвот, второто место им припадна на „Академци“ кои ја изведоа песната „Бура е“, додека Кирил Белистојановски со „Изгрејсонце“ се пласира на третата позиција.
Публиката за своите фаворити ги одбра: Зуица Лазова и „Да ме носиш в Охрид“ (првата награда), Петар Нечовски со „Секоја вечер“се пласира на втората позиција, додека Милован Секуловски и групата Ишарет со „Душа голема“ го освоија третото место.
Најдобрите дебитанти се Ирена Петрова и Игор Нејков што ги запознавме преку ,,Љубовта трае само миг“, наградата за интерпретација и припадна на Катерина Танева, за сценски настап на Стојне Николова, најдобрите стихови ги напиша Борче Нечовски- „Да ме носиш в Охрид“ а најдоброто аранжманско решение за песната „Бура е“ го направи Дарко Илиевски. Потоа, наградата Долни сарај му припадна на Благоја Грујовски и песната „Лилјана“, наградата „Аце Ангелевски“ ја доби групата „Чардак“, а акредитираните новинари и доделија награда на Благица Павловска која ја испеа „Усни на усни.“
Втората, Интернационалната вечер донесе ведро време, исти такви ноти, празник за очи беше шармантната водителска двојка Марјана Станојковска – Васил Зафирчев, а музички „мегдан“ со различни стилови од соседните земји го „омекнуваа“ старите волци – групата „Рандеву“, Владо Калембер, Срѓан Марјановиќ и Томи Мишел. Многумина во публиката коментираа дека сцената на Долни сарај никогаш не била толку полна и толку моќна.
Таква беше и оваа Интернационална музичка ноќ каде награди освоија: Јуре со песната „Не постојим кад ниси ти“ на Мирослав Рус се пласира на првата позиција и најави сериозна кариера, Теодора Стјеповиќ со „Сањам те“ на Дејан Божовиќ го освои второто место додека Веса Смолица со своја композиција „Kaj” се пласира на третото место.
Жирито, топ- листата на најдобрите ја креираше по следниот редослед: првото место за Expose – „This love will last forever”, второто за Александар и Белма и „Глупаво е да си сам” и трето за Моника Кнезовиќ за „Молекул“. Се доделија многу награди: новинарите песната „Глупаво е да си сам“ ја одбраа за најдобра, најдобар текст е „Твоја сум“ на Борче Нечовски, најдобар аранжман е на Александар Масевски за „Close to the sun“, Марија доби награда за интерпретација, наградата Долни Сарај е за Ненад Цвјетиќ а Ник е нај дебитант…
Највпечатливо од се е што „Охрид фест“ ја потврди својата доминација во сите сегменти, па и во подготвеноста да го истакне најдоброто со традиционалната награда за промоција на музика на Балканот, што му припадна на Гарабет Тавитјан. Да го чуваме најдоброто и да се видиме на Охрид фест 2023!