Мегафон

Заради временските неприлики „Ентерфест“ презакажан за крај на летото

Заради временските неприлики „Ентерфест“ презакажан за крај на летото

Заради лошите временски услови, првото издание на фестивалот „Ентер-фест“, кое што требаше да се одржи од 29 мај до 2 јуни, се презакажува за крајот на летото, односно од 29 август до 2 септември. Веста ја споделија организаторите, нагласувајќи дека сите купени влезници ќе важат и за новиот термин.

„Бидејќи Вашиот и нашиот фестивал се оддржува на просторот околу Арената Борис Трајковски, временските услови се доста неповолни и паѓа дожд скоро секоја вечер, приморани сме Ентер Фест да го презакажеме за 29.08.2018 до 02.09.2018.

Сите купуени влезници ќе бидат валидни за новиот термин на фестивалот. Се гледаме на најголемата ЖУРКА НА БАЛКАНОТ“ – порачуваат во своето известување организаторите.

Се надеваме дека новиот термин нема многу да влијае врз потврдениот список со четириесетина изведувачи за петте фестивалски вечери, а учеството го откажа само ар-ен-би дуото ДНК.

Инаку, посетителите на „Ентер-фест“, кои можат да присуствуваат на сите пет вечери со блок-влезница по цена од 990 денари, ќе се забавуваат со музика од најголемите домашни и регионални музички имиња, меѓу кои: Тамара Тодевска, „Ај кју“, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Бени и „Нон топ“, „Визија“, „Конкеринг лајон“, Дани, „Кепурдат“, Кристина Арнаудова, Викторија Лоба, „Темпера“, „Фолтин“ и оркестарот Агушеви, како и Ера Истрефи, Дадо Топиќ, „Ван Гог“, „Дивље јагоде“, „Елементал“ и многу други.

Настанот ќе се одвива на две сцени, надвор и внатре во спортскиот центар „Борис Трајковски“, а влезниците за сите пет фестивалски денови се во продажба преку продажната мрежа на МК Тикетс.

To top