Со слоганот 68 години-БЕСКРАЈНА ПРИКАЗНА КОЈА СТАНУВА СЕ ПОДОБРА, Општина Кисела Вода следната седмица го започнува Културното лето и одбележувањето на својот роденден. Се работи за низа културно-забавни случувања кои започнуваат во четврток на 22 јуни и финишираат со роденденската забава на 29 јуни. За незаборавна забава годинава ќе се грижат низа македонски изведувачи, уметници и за крај, големата балканска ѕвезда Петар Грашо!
Кутурното лето ќе се одвива во три фестивалски вечери, на 22, 23 и 24 јуни, на две локации- во Расадник (просторот спроти ООУ “Кирил Пејчиновиќ”) и на Три круши во Драчево.
Отворањето е закажано за четврток, 22.06. во Расадник. Од 21 часот Диџеј сет ќе има DJ Mats, а по него, од 22 часот следи концерт на Два Бона.
Следејќи го концептот за шареноликост на музичките стилови и константност во однос на квалитетот на понудата, Културното лето на Општина Кисеа Вода, утредента, на 23.06., петок, продолжува на Три Круши во Драчево, каде ќе настапат КУД Китка, Сузана Спасовска и Миле Кузмановски.
Последниот ден, сабота, 24. 06. во Расадник, денот ќе започне со богата детска програма во која се вклучени аниматори, забавувачи, децата од сите детски градинки, а во игрите без граници ќе можат да се приклучат и децата кои ќе одлучат да дојдат на настанот како публика. Ќе има и многу музика, хитови и хип хоп танци за сите присутни.
На истата локација, во Расадник, од 21 часот стартува финалната вечер. За одлична журка ќе се погрижи познатиот Жаре Бербер со Галама бенд, а по него следи голем концерт на една од најпопуларните музички ѕвезди на овие простори. По Сплит арената, по преполнетата Загребска арена, Петар Грашо ќе ги пее своите безвременски хитови пред жителите на Кисела Вода и пред сите оние кои можеби не се од нашата општина, но уживаат во музиката на овој хрватски романтичар.
Пет дена подоцна, на 29 јуни, Општина Кисела Вода ќе го одбележи својот 68-ми роденден за кој се предвидени манифестацијата Битка на бендови, а вечерта, после сетот на DJ Mats, на сцената во Расадник, концерт ќе има групата Нокаут, која преку своето 25 годишно постоење испиша историја во македонската музичка приказна.
Во меѓувреме, ја задржуваме традицијата отпочната минатата година, па во деновите помеѓу културното лето и роденденот, да бидат промовирани, отпочнати или завршени голем број на поголеми инфраструктурни проекти. Како локална самоуправа, сакаме да истакнеме дека ова е само дел од она што ќе го одбележи месец јуни во општина Кисела Вода. Многу повеќе детали, иненадувања, како и целосната листа на изведувачи ќе биде презентирана во среда, на прес конференција.
Она што сакаме да го порачаме до сите љубители на квалитетната музика, на сите кои минатата година беа дел од 30 000-ната публика на Културното лето, на сите жители на општина Кисела Вода, но и на сите граѓани и од другите општини и градови да си ги забележат овие денови во својот календар, да дојдат и да бидат дел од оваа големо случување кое секако ќе им остане во убаво сеќавање. БЕСКРАЈНАТА ПРИКАЗНА СТАНУВА СЕ ПОДОБРА, А СИТЕ НИЕ СМЕ ДЕЛ ОД НЕА!