Викендов во основното училиште „Петар Поп-Арсов” во скопски Карпош започна снимањето на новата телевизиска серија „Зоки Поки”, модерна екранизација на култното дело на писателката Оливера Николова.
„После повеќемесечни подготовки конечно дојдовме до највозбудливиот дел – снимањето. Целата екипа е многу среќна што работи на оваа серија. Прекрасно е да се работи со деца. Верувам дека ќе направиме серија која ќе ја сакаат децата, но и родителите”, вели Роберт Насков, продуцентот на серијата.
„Верувам дека спојот на она што мојата генерација го наследи од генерацијата на нашите родители ќе успееме да го пренесеме на нашите деца. Зоки Поки носи покрај забавен карактер и една длабоко хумана порака. Преточена во модерен јазик мислам дека една серија со приказни од животот на ова момче може да фрли едно топло светло врз телевизиската програма,” изјавува режисерот на серијалот, Александар Поповски.
ТВ серијата за најпознатиот македонски детски лик ја режираат Александар Поповски и Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ, а e во продукција на Кино Око, каде како главен продуцент се јавува Роберт Насков. Предвидено е снимање на десет епизоди според внимателно одбрани теми и приказни од книгата со која имаат израснато многу генерации.
„Зоки Поки” е прв заеднички проект на Поповски и Насков по филмот „Балканот не е мртов” во 2013 година. Последен ТВ проект на Насков и „Кино Око” е ТВ-серијата „На терапија”, која е првата македонска ТВ серија снимена според странска лиценца.
Кастингот за новите детски ѕвезди се одржа во мај и беше исклучително популарен – се пријавија повеќе од 200 кандидати за улогата на Зоки Поки и неговата дружина. Од продукцијата велат дека имале тежок предизвик пред себе, но на крај се задоволни од направениот избор, а јавноста дополнително ќе ја информираат за актерите кои ќе ги толкуваат улогите на Зоки Поки, Лидија, Боки, Гоки и сите останати ликови.
„Денешниот Зоки Поки ќе биде соодветен на времето во кое живееме по форма и естетика, но вредностите и пораките проткаени низ неговите авантури ќе останат чисти и недопрени, со верба дека ќе успеат да го пронајдат патот до срцата и на генерациите што доаѓаат”, велат од Кино Око.
Снимањето на 10-те епизоди на „Зоки Поки” ќе трае до 13 септември на повеќе локации во Скопје.
Доколку ја забележите екипата во вашето маало или пак ја имате на полица книгата, ве охрабруваме да споделите фотографии со хаштагот #ЗокиПоки.