Мегафон литература

„Записите на учителот“ од Влатко Стојковски – збирка која со убаво напишаниот збор ви ги стопли срцата

„Записите на учителот“ од Влатко Стојковски – збирка која со убаво напишаниот збор ви ги стопли срцата

Би ги подигнал планините на овие плеќи за да можам уште еднаш да те слушнам како однекаде довикуваш: „Сине, убаво ни е овде! Да постоиме уште малку. Види, сонцето само што не се скрило. Затоа кај нас побрзо се стемнува.“ Тогаш рамо до рамо би тргнале во нов чекор кон залезот, ова е еден дел од стиховите кои што ќе ги прочитате во збирката „Записите на учителот“.

 

„Записите на учителот“ е збирка и претставува склоп од 14 записи/раскази коишто имаат образовна содржина, а истата е подготвувана околу една и пол година и совршено одговара како за помладите, така и за повозрасните читатели, но и за секој вљубеник во убаво напишаниот збор.

Како што открива самиот Стојковски, неговата инспирација главно потекнува од моменти поврзани со учителската работа и личниот живот, а истата е создадена во еден од најтешките периоди во неговиот живот. Во збирката да се сретнат раскази коишто говорат за значајноста на учителот и училиштето во целост; раскази за значењето на родителската љубов, децата со посебни потреби, потребата од помагање на луѓето и љубовта кон ближните. Во збирката ќе се сретнете и со историски познати личности, несомнено значајни за културното минато на нашиот народ, па и сегашноста.

-Збирката претставува склоп од 14 записи/раскази коишто имаат образовна содржина. Збирката се подготвуваше околу една и пол година, а истата финансиски е поддржана од страна на Министерството за култура. Инспирацијата главно потекнува од моменти поврзани со учителската работа и личниот живот. Работам веќе дванаесетта година како наставник по Македонски јазик со ученици од погорните одделенија. Во училиштето доживеав значајни моменти што ми помогнаа да се изградам во посветен наставник и да сфатам колку значаен предизвик стои пред мене со изборот на ваквата професија. Ја создавав можеби во еден од најтешките периоди од мојот живот, или поточно во периодот кога го загубив мојот татко. Можам да речам дека целата тага, успеав да ја канализирам во творечка енергија и тоа ме одржуваше во тешките моменти. Затоа и со голема љубов им ја посветив на моите родители, открива младиот автор на збирката Влатко Стојковски.

Стојковски вели дека книгата и совршено одговара како за помладите, така и за повозрасните читатели, но и за секој вљубеник во убаво напишаниот збор.

-Во збирката има раскази коишто говорат за значајноста на учителот и училиштето во целост; раскази за значењето на родителската љубов, децата со посебни потреби, потребата од помагање на луѓето и љубовта кон ближните. Во збирката ќе се сретнете и со историски познати личности, несомнено значајни за културното минато на нашиот народ, па и сегашноста. Тие се личности како: Климент Охридски, Партениј Зографски, Григор Прличев, браќата Миладиновци и други. Збирката говори и за некои значајни настани каков што е фестивалот за детски пишани творби -“Детски лирски треперења”, средбата на учениците со популарниот писател за деца и млади-Горјан Петревски, кој воедно е мој драг пријател и еден од рецензентите на ова издание. Неизоставен дел во оваа книга има и темата за влијанието на интернетот врз младите луѓе во денешни дни и потребата да се биде вниматален при употребата на ваквиот медиум. Книгата претставува одлична можност за помладите “да прошетаат” низ позначајните локации на Македонија и одблиску да се запознаат со нејзините природни, културни и духовни богатства, преку еден од подолгите записи во неа напишан во форма на патопис. Ја препорачувам на младите, но и на возрасните. Таа претставува една скромна, но значајна ризница од текстови кои на 120-ина страници ќе ве натераат да се замислите околу моралните вредности кои полека, но сигурно, поради современиот начин на живеење, остануваат позади нас, додава Стојковски.

Инаку авторот на збирката, Влатко Стојковски работи како професор по Македонски јазик во основно образование. Дипломирал на универзитетот “Св.Климент Охридски” во Битола. Покрај својата еднодецениска учителска работа тој учествувал и во организирање на многу манифестации и настани од образовен и културен карактер, а исто така се јавува и како преведувач на неколку дела за деца и млади во издание на ДИД “Македоника литера”.

Својата прва промоција книгата ја имаше во Охрид како дел од летниот книжевен камп “Да бидам, да бидам 2020” во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата од Македонија, а во иднина ќе следат и други промоции во градовите ширум Република Македонија.

Збирката можете да ја најдете во книжарницата „ИЛИ ИЛИ“ во Скопје, „Македонска книга 28“ и книжара „УРБАНИУМ“ во Битола, книжара „Ти-Нат Сандра“ во Демир Хисар и во сите национални библиотеки во Македонија.

To top