Веста за смртта на Хозе Антонио Рејес ја потресе Шпанија. Поранешниот играч на Севилја, Арсенал, Реал-Мадрид, Атлетико и Бенфика утрово загинал во сообраќајна несреќа. Рејес имаше 35 години.
„Не можеме да соопштиме полоши вести. Нашата сакана ѕвезда Хозе Антонио Рејес почина во сообраќајна незгода. Почивај во мир“ – соопшти управата на Севилја.
Офанзивниот фудбалер ги помина сите младински категории на Севилја, а потоа преку Б-тимот стигна до првиот, каде дебитираше со само 16 години. Направи богат тансфер во Арсенал, од каде една сезона играше на заем во Реал.
Четири години беше под договор со Атлетико Мадрид, а имаше и една авантура во Бенфика. Во 2012 одново го облече дресот на Севилја каде остана до 2016. Една сезона беше дел и од Еспањол, па се пресели во втората лига со Кордоба. Неколку месеци играше и во Кина, за во јануари да потпише со уште еден шпански второлигаш, Екстремадура.