Изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев дека Русија наводно подготвувала негова ликвидација се неосновани инсинуации и обид за самореклама, изјави Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи.
Таа соопшти дека македонскиот премиер во интервју за црногорското радио „Антена М“ на 5 ноември говорел за „некакви планови за негова ликвидација по црногорско сценарио“.
„Сметаме дека таквата изјава не само што претставува неоснована инсинуација, дури и некаква манијакална конструкција, во принцип личи на некаков обид на жртвена самореклама. Најважно е што таквите изјави им штетат на руско-македонските односи и очигледно се разликуваат од декларарираната подготвеност на Скопје да гради конструктивна соработка со нашата земја“, нагласи Захарова.
Таа уште додаде дека смета оти таквите изјави „служат едноставно како покритие за забрзано вклучување на оваа балканска држава во Северноатланскиот пакт“.