Мегафон

За многу години Македонци: Го чествуваме Илинден, големиот национален и православен празник

За многу години Македонци: Го чествуваме Илинден, големиот национален и православен празник

Под слоганот „Сите сме деца на Илинден“ денеска се чествува Денот на Републиката – 2 Август, 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ.

Илинден или ден на Св. Илија — голем македонски национален и православен празник, кој се одбележува на 2 август. Илинден има посебно значење за историјата на македонскиот народ заради тоа што на 2 август започнало Илинденското востание во 1903 година, а во 1944 година е одржано Првото заседание на АСНОМ. Денес, илинденската традиција е испреплетена со патриотски, фолкорни и религиски симболи, што го прави Илинден еден од најважните празници во Македонија.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

За многу години Илинден!

Денеска е Св. пророк Илија – Илинден

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 20 јули. Денеска е Св. пророк Илија-Илинден.

Свети Илија беше Евреин. Живееше далеку пред Христа. Потекнуваше од градот Тесвит, по што и беше наречен Тесвиќанец. Кога се роди, околу него татко му виде Божји ангели како го повиваат во оган и го хранат со пламен, што укажуваше на неговата подоцнежна пророчка служба. Младоста ја помина во постојано богомислие и во молитва, честопати повлекувајќи се на пусти места.

Прорече многу настани и направи голем број чуда со силата Божја, што беше во него. Пред крајот на неговиот земен живот го избра за свој наследник пророкот Елисеј, а потоа се вознесе на небото во огнена кочија, Се јави пак при Христовото преображение, а ќе се појави и пред второто Христово доаѓање.

Според Католичкиот календар денеска е Св. Еузебиј.

Бил роден во Сардинија во почетокот на четвртиот век. Во 345 година бил избран за бискуп во Верчелија. Верата меѓу народот ја ширел со проповедувањето. Царот Констанциј го протерал поради верата во прогонството. Кога се вратил од прогонството, во земјата работел на обновувањето на верата пртоив ариевците. Умрел во Верчелија, во 371 година.

To top