Биља Крстиќ и десет исклучителни женски вокали овој четврток (07-ми март 2024 во 19 часот) во Занаетчиски дом во Куманово ќе одржат целовечерен концерт. Концертот е во чест на отворањето на канцеларијата на српскиот културно-информативен центар СПОНА во Куманово.
Канцеларијата на СПОНА во Скопје го прослави своето полнолетство на крајот на минатата година. Во пресрет на отворањето на канцеларијата во Куманово, СПОНА организира концерт на Вокалната работилница „Бистрик“ – Биља Крстиќ.
Вокалната работилница на Биља Крстиќ – „Бистрик“ веќе 12 години успешно работи со млади талентирани пејачи. За работилницата Биља вели:
– Дизајнирана е уметнички да ја популаризира традиционалната музичка култура на Србија и да им даде можност на талентираните пејачи да се заљубат, да учат и да го пренесат своето знаење на идните генерации. Негуваме музика, традиција, добра атмосфера, дружење, емпатија и тимска работа со младите пејачи. Нашата работилница нуди богата концертна активност, гостувања на престижни натпревари и фестивали, учество во телевизиски емисии, музички спотови и е препознатлива по стилот, прецизната интерпретација како и специјално креираните костуми.
Биља Крстиќ, музички педагог и долгогодишен вокален солист на оркестарот „Бистрик“, долги години беше уредник во Радио Белград, а на музичката сцена е од 70-тите години на 20 век, најпрвин во бендовите „Сунцокрет“ и „Рани мраз“, а подоцна и како некој кој успешно гради соло кариера. Многупати е наградувана за нејзината работа, а во биографијата на Биље Крстиќ е и музиката што ја компонираше за филмот „Зона Замфирова.
Сега е актуелна со музиката од филмот „Хероите на Халиард“ во режија на Радош Бајиќ.