Охридскиот радио и ТВ водител Жанко „З’ш“ Голабоски важи за голем љубител на природата, ама и за голем шегаџија. Познат по неговите „З’ш“ авантури на возење велосипед, пешачење, планинарење… на себесвојствен начин ја развива еко културата во Македонија и е еден од ретките кај нас што го прави тоа: ужива во природата, а при тоа ја пази, чува и негува.
Патем, не ја пропушта можноста некоја од своите шеги да не ги интегрира и кога е во акција, на пат, на терен во некоја од своите еко авантури.
Арно ама, спортскиот живот бара и специфична, здрава исхрана. Па како што на Жанко му летаат „пеперутки во стомак“ кога е на некоја од своите авантури во природа, така му влезе и чивијата дека треба да го промени и својот начин на исхрана.
А пустото, сам ниту се јаде, ниту се пие, па затоа Жанко наш, решил да си најде друштво. И тоа не било какво, туку женско. Девојка „за озбилно“… За дружба при јадење… За оброци во двојка!
Девојка за кркање во двојка – ДА, ама не било каква. Жанко бара „девојка по хроно“! Па на социјалните мрежи пуштил оглас. И сега понудите ги чека во инбокс.
Во меѓувреме веќе има две пријави: Едната е ќерка на касапот од „Даљан“…
…А другата е моторџика… на оној, мајсторон за ауспуси од „Рача“!
Засега изборот е тесен, ама има време… Конкурсот е отворен. Останатите пријави се очекуваат до Нова година во инбокс. Дотогаш, охридскиот радио и ТВ шегаџија ќе мора да се храни – соло! И тоа како ќе му дојде! З’ш таке морат! Епа, наздравје!