Познатиот охридски водител Жанко З’ш Голабоски не само што е голем љубител на природата туку е познат и како голем шегаџија. Угостителството некогаш му беше една од дејностите за егзистенција, па така работејќи по популарните охридски кафулиња, Жанко научил и по некој гастрономски марифет.
Летната сезона во Охрид веќе започна, па бројните странски и домашни туристи покрај сите други активности сигурно ќе посакаат и да се засладат. Палачинките се еден од вообичаените слатки десерти кои секогаш набрзина ќе ти го качат, кога ќе ти падне шеќерот. Навидум ништо необично и веќе видено би помислил секој, се додека не се соочи со изумот на популарниот Жанко.
Палачинки – да, ама на метар! Ам, ако моит во Охридон да имат скара на кило и пица на парче, з’ш да не моит и палачинка на метар? Затоа популарниот водител ги засука ракавите и ја приготви најдолгата „питон палачинка“ во Охрид и пошироко. Нарасната колку споменатата змија, декорирана со шлаг и разни додатоци од свежо сезонско овошје, Жанко ја распосла слатката змија на маса ставајќи ја во понудата и праша: „За палачинка кој е?“ гордо нудејќи 10, 20, 30… море кој колку сака сантиметри слатка должина!
Ем идеално засладување, ем оригинална идеја. Непозната остана само цената?! Пошто сантим мајсторе? И секако стравот „змија дан’ те изеит ко ќе требет да платиш“!?