Мегафон

Влатко Стефановски на новиот албум се изрази на „Мајчин јазик“

Влатко Стефановски на новиот албум се изрази на „Мајчин јазик“

Откако ја доби наградата за животно дело „11 октомври“Влатко Стефановски продолжува со својата работа на полето на музиката и културата. Тој го објави својот нов албум  „Мајчин јазик“ кој доаѓа три години по неговото последно дискографско отстварување  „Сеир“. На „Мајчин јазик“ се сместени  девет инструментални верзии на македонски народни песни, но и теми од опусот на „Леб и сол“ и „Бијело дугме“.

Како бонус песна, која е единствена вокална на албумот, е „Море сокол пие“, која Стефановски ја изведува заедно со Раде Шербеџија, кој ги пее стиховите на оваа позната македонска песна.  Меѓу другите теми на ЦД се најдоа и  „Бистра вода“, „Успаванка за Радмилу М“, „Јано мори“, „Димитрио, сине Мите“, „Македонско девојче“, како и „Зошто си ме мајко родила“, која  е посветена на нејзиниот автор и изведувачи, Стево и Есма Теодосиевски.

„Мајчин јазик“ доаѓа со интересна насловна страница, на која се наоѓа фотографија од неговата мајка Нада, во улога на Маша од драмата „Жив леш“ на Толстој. Оваа слика што датира од доцните 1940-ти, му дава на албумот посебна емоционална вредност, а исто така упатува и на инспиративно уметничко опкружување во кое Влатко Стефановски созревал како музичар и уметник. Издавач на ЦД-то е Кроација рекордс.

Извор:Нова Македонија

To top