Познатиот поп пејач, автор и музичар, Владо Георгиев вчера ја навреди премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, за Денот на жената, за која тој инсинуираше дека не е жена и дека не треба да и се честита 8 март – пишува српски Курир.
Имено, тој на својот Твитер профил ја исмејуваше премиерката на многу грд и невкусен начин – смета српскиот портал .
„Среќен 8 март, Ана Брнабиќ. Само се шегувам. Среќен 8 март на сите жени на Твитер, љубов за дамите“ – напиша Георгиев. Но, оваа негова шега не му беше смешна никому, напротив. Во изјава за Курир, комесарот за заштита на еднаквоста Бранкица Јанковиќ за твитот на Георгиев рече дека тој воопшто не е смешен, додека министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ оцени дека овој твит покажува само дефицит во можноста да се разбере и прифати правото на родов идентитет и правото на определба, кое е постигнато и во ЕУ и во Србија.
„Забележувам дека бројни јавни личности се претставуваат како наводно да имаат прогресивни и либерални ставови, а потоа преку коментари покажуваат што навистина мислат, особено ако станува збор за некој чија политичка припадност не ја споделуваат. Сè на сè, ниту духовито, ниту интелигентно, а во исто време и банално дискриминирачки“ – рече таа.
Георгиев остана нем на ова и не возврати со контра-коментар, зашто веројатно она што сакаше да го каже – си го кажа. Шега или навреда, која постигна ефект!