Од 12 до 14 октомври во Радовиш ќе се одржи традиционалната манифестација „Самун ем татлија“, а годинава домаќините на сите посетители ќе им понудат збогатена програма во чии рамки се очекуваат рекорден број посетители, многу вкусни деликатеси и, се разбира, одлична забава.
„Самун ем татлија 2018“ ќе започне во петок со почеток во 17 часот, и тоа со промоција на најголемиот самун (5 метри) и најголемата татлија (2 метри). Веднаш потоа ќе следува свеченото отворање на манифестацијата и поздравниот говор на градоначалникот Герасим Конзулов. Во склоп на музичкиот дел во рамките на првата вечер ќе настапат: Кристијан Мицев, „РГБ бенд“, „Троја бенд“, Кристина Арнаудова и легендарните „Црвена јабука“.
„Големи поздрави до нашите пријатели во Македонија, особено до Радовишани. Се гледаме во петок на одлична журка“, вели Жера, фронтменот на легендарните „Црвена јабука“.
Саботата е резервирана за фолклорни ансамбли и натпреварот во брзо јадење самун, кои почнуваат во 13 часот, додека во вечерта присутните ќе уживаат во музиката на: „Куку леле“, Дејан Јованов, Бани и „Бајабо бенд“, Жаре Бербер и „Тропико бенд“.
„Првпат ќе гостуваме во Радовиш и многу се радувам заради тоа. Не се сомневам дека ќе си поминеме убаво, впрочем, така е секогаш кога сме во Македонија. Особено се радувам што ќе имам можност да уживам во едно од моите омилени македонски јадења – самунот. Татлија не сум пробал, ама не се сомневам дека и тоа ќе ми се допадне. Самун дефинитивно обожавам, па со оглед на тоа дека слушнав оти има натпревар во брзо јадење може и да се пријавам ха, ха, ха… Се радувам и што пред македонската публика ќе ја промовираме и нашата нова песна ’Лавина’, па ете очекувам реакции и коментари од сите вас, со оглед на тоа дека песната ја промовиравме во петокот и сè уште собираме впечатоци и реакции. Едвај чекам да дојдеме во Радовиш, не се сомневајте дека ќе си поминеме супер“, вели Сале, фронтменот на „Тропико бенд“.
Програмата во недела ќе започне со настапите на фолклорни ансамбли, по што сцената ќе ја преземат „Распеани радовишани“, Александар Тарабунов и „Синтезис“, со кои всушност ќе биде означен и крајот на оваа тридневна гастрономска манифестација, потпомогната од Градоначалникот и Советот на општина Радовиш и која во 2016 година ја понесе титулата Златна плакета за најуспешна манифестација доделена од Министерството за економија на РМ.