Традиционално, по 21-ви пат ќе се одржи на 14-ти мај во хотелот „Александар Палас”.
Организаторот, Здружението за културна соработка Јохан Штраус, со поддршка на заедничкото покровителство на амбасадата на Република Австрија во Република Македонија и Владата на нашата земја, овозможува и македонската метропола да има свое, оригинално издание на Виенски бал.
Со тоа Скопје, веќе две децениии, е дел од мапата на светски метрополи кои ја негуваат оваа вековна австриска традиција.
Виенскиот бал во Скопје и годинава ќе ја задржи својата традиционална, хуманитарна нишка.
Во рамките на уметничката програма, оркестарот „Јохан Штраус” ќе музицира под диригенство на Бисера Чадловска. Грациозните танчери на Танцовиот клуб „Прима Данца” ќе имаат атрактивни танцови точки, а магијата на балетската уметност, на сцената на Балот, ќе ја донесат првенците на Балетот при МОБ, Саша Ефтимова и Балаш Локсеи.
Гостите ќе имаат можност да уживаат во настапот на танчерски пар – гости од Бугарија, Свинг бенд, а солисти ќе бидат Драган Бобиќ-Дексо и Калина Велковска.
Како и секоја година, дрес кодот на Виенскиот Бал во Скопје е задолжителен: долги тоалети за дамите и смокинг или темен костум за господата.