По изработените мурали во Битола, Скопје, Гевгелија и Кочани и влезот на град Велес доби свој мурал како дел од програмата на фестивалот за современи уметности АКТО. Ова е најголемиот мурал во земјава. Тој има површина од 220 квадратни метри, долг е 86, а висок 2,5 метри. Муралот е насловен „Солидарност, мобилност, иднина“ и се работеше пет дена, со спреј и фасадна боја.
„Муралот е изработен од повеќе слики, преку кои се прикажани солидарноста, заедништвото и како градот се модернизира. На муралот се отсликува поблиската историја, борбата за здрава животна средина, борбата против Топилницата, протестите на велешани. Централниот дел е мое доживување на темата“ – вели Давор Кешкец, идејниот автор на муралот.
Во цртањето на муралот, освен Кешкец, учествуваа и Стефан Младеновски, Ангела Банчотова и Тоше Пешовски.