Вечерва започнува четвртата сезона на серијата „Преспав“ која ќе се емитува на првиот канал на МРТВ.
Со продуцирање на новите 20 епизоди од четвртата сезона, „Преспав“ ќе одбележи јубилеј – 100 епизоди од најуспешната ТВ серија во македонскиот медиумски простор
Германката Ула, Коста, рецепционерот Талат, Јелена Јованова, инспектор Томе, Миле… повторно ќе ве смеат.
Васил Зафирчев кој ја играше улогата на Марио, Во интервју за точка.мк, откри дали ќе се промени неговиот лик во серијата.
– Карактерно секако не, а стилски препознатливо иако со одредени варијации. И во оваа сезона Марио останува да биде вешт манипулатор, и во кујната и во пансионот, со многу комични ситуации но и повремени драма квин моменти. Како готвач веќе напреднал, па промовира свое мени кое е фузија на азиска и балканска кујна. А во визуелниот идентитет на ликот доминираат специјално дизајнираните готвачки униформи, шарените престилки, марамите, еклектичниот накит, драматичната шминка и лакираните нокти во секогаш различни бои.
Марио вели дека преку својот лик треба да пренесе пораката: „Да водиме љубов, а не војна“.
Васил откри дека 2019 година ќе ја памети по бескрајната љубов и внимание кои ги добива од најмладата публика и по фантастичната 4- та сезона на серијата.
Зафирчев откри дека новата година ќе ја дочека дома.