Вечер, 01. 11. 2017 (среда), со почеток во 19.00 часот, во галерискиот простор на Национална галерија на Македoнија – објект „Мала станица“ ќе биде претставен мултимедијалниот проект „Red Land“ (Црвена Земја).
Овој проект се состои од неколку видео проекции и претставува последно и најново видео остварување на авторката Тања Балаќ. Минималистичкиот пристап е свесен избор, чија идеја е да го поттикне размислувањето кај публиката, не само за рефлексијата на светот која не опкружува самите, туку и за саморефлексијата на сопствената позиција во него.
Данкан Хигинс уметник и професор по Визуелна Уметност на Универзитетот Нотингем Трент, Велика Британија и Универзитеот Берген, Норвешка, во предговорот за каталогот, меѓу другото, истакнува:
„Делото на Балаќ истражува и нуди серија од мноштво отворени интерпретации, предизвикувајќи длабока тензичност во можностите, гестовите и движењата во оваа визуелна творба. Филмот како самиот да размислува, преку своите движења и избор на процеси, спротивставувајќи им се на нормите и традициите на линеарниот документарец и композициските форми што, можеби, ни се многу попознати како дел од навидум хомогените репортажи на денешницата. Вчудоневиден сум како „Црвена Земја“ ми нуди рамка во која се натпреваруваат улогата на документарната фотографија и филмот, и тоа низ процесот преку кој е направен овој филм, како и преку неговата материјална форма на прикажување. Ова не е некојси „брз бакнеж”момент од YouTube, Instagram или Snapchat, ова е сериозна, интимна и емотивна провокација“.