Мегафон

Валентина Велковска-Трајановска е прва жена композитор на чело на СОКОМ

Валентина Велковска-Трајановска е прва жена композитор на чело на СОКОМ

Композиторот и проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска е избрана за претседател на Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) на Изборно собрание  што се одржа на 13.02.2021 за следниот мандат од две години. Со изборот таа воедно станува и првата жена композитор која застанува на чело на оваа институција во нејзиното повеќедецениско постоење. За Велковска -Трајановска тоа претставува огромна чест, но и предизвик да се раководи со СОКОМ.

– Огромен е предизвикот да се застане на чело на здружение што постои и делува повеќе од 75 години, каде како претседатели се вброиле најзначајните имиња од македонската музичка историја, а воедно и првата претседателка композитор. Одговорноста кон колегите композитори, музиколози и севкупно нашите професии е, исто така, огромна, особено поради тоа што живееме во времиња кога се подзаборава на стручноста и знаењето кое нѐ издвојува и обединува. Посебно сум благодарна што мојата предлог-програма за претседател и мојот избор го потврдија поголемиот дел од нашето членство, што ми влева надеж за подобри времиња и наша целосна соработка – истакна новата претседателка на СОКОМ за „Културен печат“.

Плановите за понатамошната работа на СОКОМ таа ги доставила при постапката за нејзин избор во форма на предлог-програма, која ги детализира идните насоки на работење на композиторското здружение.

– Има неколку горливи прашања што би морале да ги решиме, а што зависат од нашата соработка со надлежното министерство, останатите институции и севкупно останатите чинители на музичкото живеење на домашен и на меѓународен план. Живеењето во, за и од културата веќе подолго време за сите го помина и работ на можно опстојување, поради што мора да се изнајдат начини што би го помогнале опстанокот на нашите дејности – потенцира Валентина Велковска-Трајановска.

Новото Претседателство на СОКОМ го сочинуваат композиторите проф. Живојин Глишиќ, проф. м-р Јана Андреевска, проф. д-р Горан Начевски и м-р Борис Светиев, како и музиколозите проф. д-р Стефанија Лешкова Зеленковска и д-р Мирјана Павловска Шулајковска. За Претседател на Собранието на СОКОМ е реизбран проф. д-р Јане Коџабашија.

To top