Радио Милева естрадна вирус превентива

Вака познатите македонски личности се штитат од коронавирусот (ФОТО)

Вака познатите македонски личности се штитат од коронавирусот (ФОТО)

Коронавирусот не е нималку наивна работа и не е веќе само таму некаде, туку насекаде, па и тука кај нас во Македонија. Светската здравствена организација прогласи пандемија, што значи дека алармот е вклучен, црвеното светло запалено… Се откажува се’ што може да се откаже, а носи висок ризик, секакви масовни собирања… Свеста е вклучена на најсилно или барем така треба да биде, кај сите нас.

Секој треба да ги почитува препораките и упатствата за заштита, за сите да придонесеме оваа нова „чума на 21-от век“ што побргу да ја снема. Некои тоа го сфаќаат многу сериозно и одговорно, други онака – лефтерно, трети пак „мува не ги лази“, од едно уво им влегува од другото им излегува, и воопшто не ги допира се’ што околу нив се случува.

Сепак македонските јавни личности или поточно познатите фаци се покажауваат како одговорни граѓани. И не само што се покажуваат, туку и покажуваат како и колку ги почитуваат препораките, како се штитат самите себеси и околинат околу нив од коронавирусот, а некои од нив и самите даваат свои препораки како треба да се заштитиме од ова заразно зло.

На кафе со чисти раце

Препораките од Комисијата за заразни болести се јасни. Седи дома ако не мораш никаде да одиш. На Мартин Филиповски од братското дуо „Некст Тајм“ дома му било здодевно сам да го пие кафето, па тркнал во првото маалско кафуле, во соседството. На кафе, ама со чисти раце. Зашто каде и да оди, гелот за дезинфекција како прва заштитна опција, секаде со себе го носи!

Ист вирус – три различни „лека“: Превентивна фаза на алкохолна база

Коронавирусот е смртоносен, ама алкохолот е смрт за коронавирусот. Тоа и некои од лекарите го потврдија. Затоа алкохолната дезинфекција на предметите и организмот е добра опција. И однадвор и „одвнатре“, се разбира, умерено, со усул… По една, колку да го сотре вирусот или воопшто и да не му даде да припириса. Идејата не е лоша, само што има еден проблем. Алохол да, ама кој? Оној чистиот од аптека, ем не се кознумира, ем се’ поретко го има да се набави. Затоа „лекот“ му е овој другиов… Ама кој, зашто и од него има „илјада и една“ сорта?

Три различни македонски познати лица имаат три различни препораки како се штити од коронавирус во превентивна фаза на алкохолна база.

Сестрите Тодевски – Тамара и Тијана со српска препорака: „Нејзиното величество – Кајсијевача“. Позанатата српска овошна ракија, позната на секој мераклија на добрата капка, кој со појавата на коронавирусот автоматски станува и „совесен граѓанин“.

Некогашниот музичар и пејач во „Браво бенд“, денес соло фолкер Живко Динев „лекот“ за Короната го најде таму кај што му е родната жица, во неговата Струмица. Популарниот Жилче тврди дека  народот мора да се свести, оти нивната „струмичка мастика“ е лек за сите болести!

Нашата, а светска манекенка и топ модел Катарина Ивановска,  го преферира истиот рецепт за корона заштита, ама како „светска женска“, сепак држи до светски бренд: „Џони Вокер – блек лабел“, една чашка пред, една после пладне  и „Ковид 19“ тешко дека ќе биде смел да ве нападне.

Скафандер или маска за „филтрирано дишење“

Заштитната маска е една од првите работи што ги препорачаа лекарите за заштита. Затоа и медицински маски не можат повеќе да се најдат ни на клинички, а камо ли во аптеките. Не барем за 3 денари, колку што им е реалната цена.

Водителот и маркетинг експерт Димитар Атанасовски сепак успеал некако да се снајде. Состанокот не смее да чека, а „лабораторијата за идеи“ ни Ковид 19 не може да ја затвори, па затоа Диме и колешката така маскирани тргнаа на „ бизнис митинг“.

Патем, водителот изгледа се уплаши дека оваа медицинскава маска можеби којзнае колку и нема да го заштити, па побара „појачана варијанта“… Турбо модел, на кој ни ураниум не може да му помине, а камо ли Корна, па праша каде може да го набави посочениот бренд, во која компанија? Одговорот – во прватата продавница за филтри за моторно масло за Сканија!

Кога сме кај маските и нивната заштита од вирусот, пејачката Теа Трајковска решила многу да не експериментира. Светските искуства на познатите секогаш се најдобри, па го препорачува „космонаутскиот скафандер“ на манекенката Наоми Кемпбел. Ем сигурно и безбедно, ем не мораш да трошиш пари за нова фризура.

Во здраво тело „Ковиид 19“ не вирее: Рекреативно – витаминска заштита

Оваа теорија ја има сопругата на Димитар Атанасовски, пејачката и харфистка, Сара Мејс. Неа маска не и треба. И треба справа за вежбање… За да биде здрава и насмеана, ко бомбона. Зашто: „Во здраво тело не иде Корона“ нели, како што самата вели!

А модната креаторка Ива Спасовска има препорака за витаминска превентива. Овошно смути и целата вибрација на телото и мислата ќе ви бидат подобри. Така барем Ива не бодри! За мислата ни е јасно, ама за вибрацијата на телото…? Веројатно ќе мора да го испиете целото… И тоа по три пати на ден!

Интимна Корона препорака: „Секс, само на пристојно растојание“

Кога сме веќе кај „вибрациите на телото“, екс новинарот, ТВ водител, сега „комар ПР менаџер“ Зоран Василевски попознат како Зоки – Фаци, исто така излезе во јавноста преку социјалните мрежи со своја препорака за Корона заштита. Неговата е поврзан со „интимниот“ живот на населението. Ковид 19 се пренесува со близок контакт, па затоа прашањето е: „Секс – да или не?“ Одговорот го има Зоки-Фаци. Се разбира, директно во „прво лице“ – множина!

Епа, покрај официјалните препораки, сега знаете и алтернативно како да се заштитите од коронавирусот. Изборот е Ваш. Кој како сака нека прави, важно е да сте сигурни, безбедни и здрави!

 

 

 

 

To top