Радио Милева

Вака познатите Македонци и наши некогашни евровизиски претставници го коментираат успехот на Тамара

Вака познатите Македонци и наши некогашни евровизиски претставници го коментираат успехот на Тамара

Вчеравечер речиси да немаше рамнодушен Македонец кој не се радуваше на пласманот и успехот на нашата евровизиска преставничка и песната „Proud“.

Социјалните мрежи беа поплавени од коментари и објави по финалниот резултат.

Колегите на Тамара, пријателите, најблиските, а меѓу нив и дел од оние што некогаш не претставуваа  на овој музички натпревар, ја величаа Тамара, настапот, песната, целиот тим и секако она што го постигнаа, но „удрија“  по земјите кои не ни ја дадоа поддршката.

Еве што гордо напишаa во своите објави:

-Љубов моја, ти си мојата прва светлост, ти си мојот херој! Ова што ти го направи на Евровизија 2019 е најголем успех досега! Многу те сакам! Горда сум до небото и назад! – пишува Тијана Дапчевиќ и сестрата на Тамара, а имено и претставничка на Македонија на Евровизија во Данска 2014 година.

-Тамара Тодевска, дали си свесна каков стандард постави???Жално е што немаме барем уште една две од твој ранг(да не бидам погрешно сфатен имаме пејачки надежни,како на пример оние исто така одлични вокали кои не се гледаа а допринесона за добра боја кои допрва ќе се докажуваат) па да се надеваме дека на некој друг ќе му се посреќи ова што за малку на тебе ти избега…Направи таков резултат(по мене во догледно време недостижен) што од следната година пак ќе бидеме среќни ако влегуваме барем во финале…
Б Р А В О за цел тим, сите сме Горди, пишува Мартин Вучиќ кој беше наш евровизиски претставник во 2005 година.

Калиопи напиша куса, но моќна порака до Тамара и нејзиниот тим:

-Ти си мојот победник, гласи коментарот на Калиопи со која во 2012 година имавме пласман на 13-то место со „Црно и Бело“ во Баку. Таа ја претстави Македонија и во 2016 година со песната „Дона“.

 

Каролина Гочева пак, која исто така двапати беше на Евровизија, еднаш во Талин, а вториот пат во Хелсинки, за настапот и пласманот на својата колешка Тамара Тодевска вели:

-Тамара Тодевска, фала што не направи горди! Беше беспрекорна! Ти си нашиот победник!Вечерва сите срца чукаа како едно! Те сакам бескрајно! – пишува Каролина Гочева.

 

И Даниел Кајмакоски кој ја претстави Македонија на Евровизија во 2015 година за годинешниот претставник вели:

-Многу сум горд на тебе Тамара Тодевска, честитам за големиот успех! – објави Даниел.

Елена Ристеска со која во Грција на Евровизија го освоивме 12-то место, за својата колешка и пријателка Тамара напиша:

-Никогаш во животот не сум била посигурна дека ќе победиме! Никогаш! Тамаре, ти си победник и ова е круна на твојата кариера, на која што треба да бидеш горда!Македонија ќе биде засекогаш горда на тебе! Фала ви на сите од тимот за ова чувство победничко… коментира Елена Ристеска.

Кон објавите и коментарите за вчерашниот успех на Македонија и нашиот тим, се приклучија и пријателите, колегите и познатите.

-Ние уште вчера победивме, денес беше час по пеење и да научат како треба да се однесуваш на сцена.
Ова е прав начин како треба да се претставува земја. Кога нема да идат мамини и татини синови, кога ќе имаш добар ПР, и целосен тим резултатот е загарантиран. А ти Словенја си го покажа балканскиот синдром: Ако ние не успеавме нема ни вие ….  Тамара ние сме горди! -напиша Панчо ДНК.

И Лила Филиповска секако не остана рамнодушна и пишува на својот Инстаграм:

Ма ти си Тамара нашата победничка  …фала ти што не направи горди ….и конечно ни овозможи да почувствуваме како изгледа Европа да гласа за нас , Англија да ни даде 12 поени и да го гледаме нашето име на врвот долго време. Честитки и за целиот твој тим од професионалци !!! Браво дечки и секоја чест! -стои во коментарот.

ТВ водителот Димитар Атанасовски беше концизен:

-Коментаторот на мојот пренос кажа се’ . Сите жирија кажаа што имаат да кажат за тимот на Тамара (освен Словенците што во 90’-та ни го спопикаа), а нашата дијаспора на висина на задачата, како и секогаш – нигде ги нема! Но, тоа што го направи овој тим, никој не успеал ни да го сонува… одлично претставување, комнтира Димитар.

 

To top