Мегафон

Вака ќе изгледа евровизиската сцена во Тел Авив (ФОТО)

Вака ќе изгледа евровизиската сцена во Тел Авив (ФОТО)

Подготовките за 64. издание на „Евровизија“ се во полн ек, а освен што се објавени сите песни што ќе се натпреваруваат годинава, сега имаме можност да ѕирнеме и како ќе изгледа сцената во центарот „Експо“ во Тел Авив, каде што на 14, 16 и на 18 мај ќе запеат претставниците на 41 земја. Како што беше соопштено претходно, сцената ја дизајнираше германскиот дизајнер Флоријан Видер, кој долги години ги осмислува концептите и на овој фестивал, но и на бројни други музички манифестации низ Европа, вклучувајќи ги и Европските музички награди на Ем-ти-ви.

Исто како и на логото на годинашниот фестивал со симболот на трите триаголници споени во ѕвезда, триаголните форми ќе доминираат и на самата сцена.

„Триголникот, како една од најстарите форми на светот, е основен симбол што универзално го наоѓаме во уметноста, музиката, космологијата и во природата, претставувајќи поврзување и креативност. Како што триаголниците се комбинираат, тие стануваат еден ентитет што го отсликува бескрајното ѕвездено небо, како ѕвездите од иднината што се собираат заедно во Тел Авив за ’Евровизија 2019’“, рекоа организаторите од ЕБУ и КАН, најавувајќи го и мотото на годинашниот фестивал – „Осмели се да сонуваш“.

На оваа сцена во втората полуфинална вечер на 16 мај ќе ја видиме и нашата претставничка Тамара Тодевска, која боите на нашата земја ќе ги брани со темата „Proud“, потпишана од композиторите Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а со стихови од писателот Коста Петров и Сања Поповска. Заедно со неа ќе настапат и  придружните вокали Антонија Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев.

To top