Радио Милева од благодет до проклетство...

Угостителите пред „клиничка смрт“, естрадата едвај дише „на шкрги“: Еј каф(е)ано, да Бог да се отворила… (ФОТО)

Угостителите пред „клиничка смрт“, естрадата едвај дише „на шкрги“: Еј каф(е)ано, да Бог да се отворила… (ФОТО)

Корона пандемијата од корен ни го смени,  а на некои речиси им го уништи животот… Погодени сме сите… По здравјето, социјалниот живот, по џебот… Меѓу најпогодените туристичките работници, угостителите и секако естрадата. Дејностите им ги затворија, работата им ја забранија уште првиот ден па се’ до ден денес, ги оставија на милост и немилост, да се снаоѓа кој како знае и умее.

И сега, кога пандемијата наводно почна да попушта, а мерките почнаа да ги олабавуваат, за некои дејности абер се нема, па никако „да им тргне работата“. Освен срамежливи најави деке ќе биде, од оваа, па од идната недела, па од… кој знае кога?

А почнаа да се отвора се’… Моловите, фризерниците, берберниците, козметичките салони, автошколите, библиотеките, дури и казината и обложувалниците… Се’, само кафеаните се’ уште – НЕ! А, како што е добро познато, а на социјалните мрежи потврдено : „Нема кафеана – нема мир“!  Не, не е во прашање  „Пијана револуција“, туку трезна потреба за социјализација, дружење, опуштање и релаксација на народот. А како кафуле, бар, ресторан, меана… со еден збор кафеана, на овој бели свет – друго место нема! Особено на Балканот!

Освен тоа, не само за кафеана, туку и од кафеаната живее и егзистира еден куп народ. Од газдите и нивните фамилии, готвачи, садомијачки, шанкери, келнери, хигиеничарки, обезбедување… преку сите оние индустрии и трговци чии продукти кафеаната ги троши во вид на набавена стока (роба)… Од скара, преку салата, до ракија… И се’ што оди со нив пред и потоа! За свадбите подобро и да не зборуваме. Зашто се’ што кажавме и повеќе од тоа, помножете го со дво, па и троцифрени бројки!

За кафеаната не се врзани само газдите, персоналот и гостите, туку кафеаната живот и значи и на естрадата. Цела „армија“ музичари, свирачи, пејачи, пејачки, изнајмувачи на озвучувања и светло, естрадни менаџери, а со тоа и композитори, текстописци, продуценти, режисери, костимографи, кореографи, фризери, шминкери… и уште еден куп други најважни „споредни – а главни“ дејности  и професии, зависат и на некој начин живеат преку естрадата, исто така од кафеаната!

Здружението на естрадни уметници на Македонија ЗЕУМ праќа алармантни пораки и до Владата и до јавноста: „Имаме колеги кои се егзистенцијално загрозени“! Музичарите, пејачите, естрадните уметници воопшто и кафанџиите губат здив… И едните и другите едвај „дишат на шкрги“…

https://arhiva.vistina.com.mk/megafon/zdruzenieto-na-estradni-umetnici-imame-kolegi-koi-se-egzistencijalno-zagrozeni/

 

Најпластичен пример се наизглед шеговитите, а всушност загрозувачко вистинити „повици за помош“ на некои од познатите естрадни уметници, на социјалните мрежи, по последната одлука на Владата и Комисијата за заразни болести угостителските објекти и понатаму да останат под клуч!

Фолкерката Сања Сани Гроздановска е една од од оние на која кафеаната живот и значи, зашто е една од најбараните пејачки во скопските локали, па одлуката вака ја искоментира.

Трајче Толевски од фолк групата „Скопски боеми“ има двоен проблем: Ем музичар, ем угостител, короната од газда го доведе на „просјачки стап“. Шеговито, ама во секоја шега велат има „половина вистина“, па, ако работите вака потрајат и онаа- втората половина „од вистината“ – ќе стане едно цело. Или поточно, егзистенцијална катастрофа!

Деновиве чешитиот музичар и скопски угостител, сподели шеговит статус на социјалните мрежи кој можеби најпластично и најсликовито ја опишува состојбата на естрадните уметници. Колку корона пандемијата ги погоди, уназади, речиси им ги уништи кариерите и голата егзистенција.

Можеби денес изгледа смешно, ама не дај Боже, утре може да биде вистинито…

Угостителите се пред „клиничка смрт“, естрадата едвај дише „на шкрги“, затоа и едните и другите како и целиот народ поскауваат…  Еј каф(е)ано, да Бог да се отворила!

 

 

 

 

To top