Двоецот Предин и Дедиќ за првпат доаѓа во Македонија со својот проект „Трагови у сјети“, кој веќе ги пропатува речиси сите градови од поранешна Југославија и ги освои симпатиите на публиката и критиката. На 17 и 18 ноември во МНТ македонската публика ќе има можност да ги слушне најубавите песни на Предин и најпознатите хитови кои будат спомени на различни генерации: „Јесен у мени“, „Галеб и ја“, „Зажмури“, „Магла“, „Ти си ми у крви“, „Васа Ладачки“, „Те ноќи кад умрем“, „А сад адио“, како и многу други песни од големите автори на поранешна Југославија.
Овие двајца исклучителни музичари го создаваат проектот „Трагови у сјети“ и издаваат два албума за кои хрватската критика ќе напише: „Најголемата вредност на албумите е таа што со песни од различни автори, создадени за различни пејачи во различни временски контексти, креира оригинална уметничка нишка, серија на сликички кои имаат смисла и кои налик на филм ја раскажуваат својата приказна, воздржано, смирено, мудро… Вака се прават албуми кои се паметат“. (Зоран Тучкар/muzika.hr).
Влезниците за концертите веќе можат да се набават преку продажната мрежа на Купи карти за се , „Југотон“ и онлајн. Концертите се во организација на „Баги комуникации“.
Матија Дедиќ e роден во Загреб во исклучително музичко семејство. Растен со неговите родители Арсен Дедиќ и Габи Новак, тој започнува да свири клавир уште на 5-годишна возраст а дипломира на џез академијата во Грац, Австрија. Во својата кариера настапувал речиси на сите континенти, со многу исклучителни светски музичари, а асоцијацијата на хрватски автори го наградува со титулата „Најдобар автор и најдобро ново име во последните 10 години”.
Зоран Предин публиката го памети како фронтмен на култната словенечка група „Лачни Франц“ и неговите големи хитови „Čakaj me“, „Praslovan“, „Naj ti poljub nariše ustnice“, „Ne mi dihat za ovratnik“ и многу други. По 11 години во групата и 16 снимени албуми, тој продолжува со соло-кариера и објавува 15 албуми, а дополнително работи и музика за ТВ, театар и филм.