Градоначалникот на скопската општина Аеродром, Тимчо Муцунски објави дека купил 30 сезонски билети оваа сезона за настапите на ФК Вардар. Билетите ќе ги подели на навивачи кои сакаат да го гледаат скопскиот клуб кој повторно се врати да игра во Првата македонска фудбалска лига.
Тимчо е голем фан на црвено-црните и рече дека со задоволство и срце секогаш ги поддржувал, а билетите ги набавил како помош за Вардар и навивачката група „Комити“ во чија сопственост е сега клубот.
„Со 30 сезонски билети, набавени од сопствени средства продолжува мојата поддршка за „Комити“ и „Вардар“. Секогаш од срце и со задоволство давам поддршка на иницијативите и проектите што со поврзани со спортот, традицијата и Македонија. По вчерашната објава на навивачката група „Комити“, утрово со сопствени средства набавив 30 сезонски билети кои ќе бидат наменети за младите од Аеродром – страсни навивачи на Вардар, кои од каква било причина не се во можност да набават ваков билет. Ги повикувам вистинските љубители и навивачи на клубот, во текот на денешниот да го контактираат мојот кабинет со цел да ги добијат билетите. Доделувањето ќе биде по принципот, прв дојден, прв услужен. Воедно ги повикувам и останатите градоначалници во Скопје, како и сите јавни личности, да го следат овој пример и на ваков начин уште еднаш да ја потврдиме силната и недвосмислена поддршка кој ја даваме за враќаме на „Вардар“ на фудбалските терени. Аеродром беше првата општина која на моја иницијатива даде институционална поддршка за “црвено црните”, а овој пат јас повторно давам лична поддршка за најдобриот македонски фудбалски клуб. Со нетрпение ги очекувам фудбалскиот натпревари каде од трибините уште еднаш ќе ја потврдиме поддршката за „Вардар“ која во следниот период ќе инсистирам да продолжи да се реализира преку низа иницијативи и соработки“ – сподели на својот официјален Фејсбук профил градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски.
За потсетување, најтрофејниот македонски клуб, се подготвува за новата сезона во Првата лига, каде што црвено-црните се вратија по двегодишниот натпреварување во пониската Втора македонска лига.