Кусите телевизиски форми од забавен карактер кои траат 10-15 минути и ги третираат актуелните настани и збиднувања на естрадата во Македонија најчесто ТВ гледачите ги препознаваат по некогашните или актуелни емисии како што беа „Ексклузив“ на А1, па на 1ТВ или „Бекстејџ“ кој исто така смени неколку телевизии, а во моментов оди на ТВ Телма.
И не се далеку од вистината, зашто емисии како овие два проекта наменети особено за помладата популација недостасуваат во македонскиот ТВ етер.
Но дали се сеќавате која од емисиите од ваков тип им претходеше далеку пред овие два ТВ продукта да се појават? Оние малку повозрасните, а се уште млади, сигурно се сеќаваат на ТВ проектот „99 action“! Продуцирана од „Зум Видеолушн“, емисијата беше вистинско освежување во македонскиот ТВ етер кон крајот на минатиот и почетокот на овој милениум од која произлегоа дузина познати ликови.
Главниот двигател на проектот Мартин Трпчевски, на помлада популација познат по ангажманот во „Фчерашни вести“ и „Радио Лидер“, своевремено собра талентирана екипа која тогаш ги правеше првите чекори, но подоцна станаа секој во својот еснав познат и признат професионалец.
Женската водителска двојка Миа Костова – Билјана Максимовска, од кои едната го водеше обновениот „Бекстејџ“, а сега е една од најпознатите македонски инфлуенсерки…
…а другата последен пат ја гледавме како првата водителка на кулинарското ТВ шоу со готвачите Марк и Никола, „Брза кујна“.
Подоцна Миа ја замени Бојана Тевчева – Бони, доскорешната ТВ водителка на ТВ Алфа и ТВ Нова.
Првите чекори во својата работа ги правеа и денес признатиот камерман Драган Паковски, неговата сестра, денес познат стилист и ТВ водител Цаци Паковска, шпицата и џингловите беа производ на денес една од најпознатите македонски продуцентски куќи „3 Д студио“… Вистински македонски „Ол старс“!
И не само тие. Во емисиите кои ги подготвуваа и водеа се појавија грст имиња кои подоцна ќе имаат видна улога во македонската музика, водителство, спорт, култура, естрада…
Колку за потсетување, погледнете една епизода во која белким ќе ги препознаете: Каролина Гочева…
…Панчо (ДНК), Жикица Тасевски (познат македонски фудбалски тренер)…
Даниела Станоевска – Дени – позната радиоводителка на Антена 5…
…Како и останатите од тогашните нивни групи „3Д“ и „ОК бенд“. Вистинска претеча на она што подоцна , па и денес се нарекува независна ТВ продукција и македонска естрада…