Тоа беше оазата на Мерил Стрип во Њујорк во која уживаше со години, особено во раскошната градина каде брзо се ослободуваше од стресот, но на крајот одлучи да ја продаде за да инвестира во нов имот во Калифорнија.
Една од најдобрите светски актерки, 72-годишната Мерил Стрип, веќе четиринаесет години се будеше со поглед на реката Хадсон и Емпаер Стејт Билдинг. Домот во Њујорк што го делеше со нејзиниот сопруг, скулпторот Дон Гамер, таа одлучи да го продаде поради преселба во Калифорнија. Го продала луксузниот пентхаус со четири спални соби во богатиот кварт Трибека за 15,8 милиони долари на непознат сопственик, а разделбата од имотот, призна, не била лесна за поднесување.
„Во летните денови се занимавав со градинарство под ѕвездите, а во зима седев покрај огнот во каминот додека снегот се натрупуваше на терасата. Ова беше одличен дом за нас и се надевам дека друго семејство сега ќе може да ужива исто како и ние“, рече актерката за веќе поранешниот стан, во кој доминира паркет од бразилски орев, мебел во неутрална боја и тераса широка три метри на три страни од пентхаусот. Станот со површина од 372 квадратни метри се наоѓа во зграда во која живееше и актерката Гвинет Палтроу до 2017 година, а зградата вклучува приватен лифт што води директно до фоајето, фитнес центар, 24-часовен вратар, соба за велосипеди, градина и гаража.