Најновото издание на реномираниот Танц Фест ќе се одржи на почетокот на септември под мотото „Потрага по допир“. Танц Фест 2020 ќе го одбележи јубилејот 30 години современа македонска танцова сцена со учество на македонски и американски уметници, со поддршка на Министерството за култура, Град Скопје, Американската амбасада во Скопје, како и долгогодишните партнери на фестивалот.
Исклучително сум задоволна, што и покрај целата ситуација, успеваме да го организираме Танц Фест, кој годинава ќе се одвива под мотото „Потрага по допир“ и се надевам дека нашата публика ќе ужива во современите танцови креации на македонски и американски уметници. Со цел да го намалиме ризикот од можни компликации во однос на КОВИД-19, се одлучивме за Танцов маратон, што за нас, во организација е исклучително напорен потфат, но сепак сакаме да ѝ го дадеме најдоброто на нашата публика, тука и надвор од земјава. Целата програма ќе се пренесува онлајн, во живо и сметам дека на овој начин ќе допреме и до нова, поширока домашна но и интернационална публика“, вели Рисима Рисимкин, уметнички директор на фестивалот.
Танц фест за првпат ќе има земја во фокус и во оваа програма ќе бидат претставени пет реномирани американски кореографи, од кои во Скопје ќе пристигнат Меган Бриџ и Кристин Бонанси.
Дела на познатите кореографи Стивен Петронио, Шамел Питс и Даг Верон ќе се прикажат во рамките на фестивалот онлајн.
Ударниот дел од програмата на фестивалот ќе се одржи во живо, во форма на Танцов маратон на 4. и 5. септмеври, со почеток во 20 часот, на отворената сцена на Танц Фест 2020 во парк МКЦ, додека другиот дел публиката ќе може да го проследи онлајн, преку Јутјуб каналот на Танц Фест, а воедно и на неколку регионални и национални телевизии. Програмата на Танцовиот маратон онлајн ќе се пренесува на повеќе пунктови, портали и фондации во Европа и САД.
Манифестацијата ќе прикаже петнаест кореографии, покрај веќе споменатите американски кореографи, учество ќе земат и домашните уметници: Адријана Данчевска, Валентино Апостоловски, Ивана Коцевска, Дејан Битровски, Ивана Балабанова, како и апсолвентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Бобан Русески, Тереза Лазарев и Сара Цветковска во соработка со студентите дизајнери Катерина Димитровска и Магдалена Димковска, кои костимите ги создаваат под менторство на професорката и дизајнерка Лидија Георгиева, од ТМФ, УКИМ.
Танцовиот маратон ќе се отвори со јубилејната претстава на Рисима Рисимкин „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, а за првпат ќе биде прикажан и танцов филм од домашен автор – филмот „Дома“ на кореографката Адријана Данчевска, која таа го оствари во соработка со визуелниот уметник Ивана Мојсовска и со Марко Марјановиќ и Тео Ангеловски како камермани.
На отворањето на 4-ти септември, во рамките на Танцовиот маратон ќе биде доделена наградата „МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцот“ на американската танцова легенда, госпоѓа Џоан Мајерс Браун.
Оваа година престижната награда „МЕНАДА за млад уметник“ свечено ќе ѝ биде доделена на Стефанија Гаштарска, првата македонска балерина која доби професионален ангажман и стана дел од ансамблот на рускиот „Болшој“ театар во Москва.
Влезот на фестивалот ќе биде слободен, но со ограничен број на места, заради почитување на протоколите и мерките донесени од страна на надлежните.
извор:република.мк