Македонската радио-телевизија по одржаната аудиција ја избра Тамара Грујеска за претставник на Македонија на годинашниот Јуниорски Евросонг. Солистката Тамара Грујеска, поддржана од авторски тим од реномирани уметници ќе ја претставува земјава на Јуниорскиот Евросонг 2023 година, кој ќе се одржи на 26 ноември во Ница, Франција.
Тамара е родена на 02.12.2010 во Гостивар. Своите први почетоци во светот на музиката ги прави на само пет години и оттогаш постојано е активна на детските фестивали во земјава и странство. Таа е уникатна и бестрашна. Препознатлива е по моќните изведби и неверојатен вокал кој освојува и никого не остава рамнодушен. Доказ за тоа се и големиот број на награди кој ги освојува, не само во Македонија туку и на интернационални натпревари.
Првиот нејзин настап на интернационален натпревар е во 2021 година на „Езерски Бисери“ во Струга, каде што го освојува Првото место Лауреат I степен. Истата година учествува и на Интернационалниот Фестивал „Ѕвездички“ во Прилеп каде што освојува највисока Гран при награда со нејзината песна „Музиката во мене има дом“. Истата година учествува и на интернационалниот Фестивал „Шкољкице“ во Нови Сад, Србија каде што повторно освојува Гран при награда.
Во 2022 година Тамара учествува и на најпрестижниот фестивал и натпревар во Владимир „Golden Stars Rain“ каде што во конкуренција од 150 натпреварувачи од повеќе земји ја освојува Гран при награда. Гран при награда освои и на меѓународниот фестивал Angel Voice во Белград Србија.
Тамара е ученичка во основното училиште „Гоце Делчев“-Гостивар во VII одделение и во Основното музичко училиште „Тодор Скаловски“-Тетово отсек „соло пеење“.
Љубовта и посветеноста на музиката ја надградува и со онлајн часови и курсеви кај светски познатата вокална учителка Cheryl Porter од САД.