Денес почнува четвртото издание на „Студентска музичка пролет“. Се работи за интердисциплинарен проект чија цел е универзитетите да прераснат и во културни центри на кои ќе се случуваат концерти, изложби и други културни настани. Организатори на проектот се професорката Ивана Трајаноска од Универзитетот „Американ Колеџ“ и професорката Мира Беќар од Филолошкиот факултет при УКИМ.
„Сметаме дека е неопходно настаните од културата да им се доближат на студентите, да опфаќаат содржини кои ги интересираат, но и кои ги поттикнуваат на проширување на интересите и ги запознаваат со современите текови во културата. Културата и уметностите не се резервирани само за студенти кои студираат сродни дисциплини, ниту пак културата и уметноста се само за одредена група луѓе. Затоа, нашето мото е: Култура на универзитетите!“, вели професорката Трајаноска.
Манифестацијата годинава ќе биде отворена со предавање на професорот Пјетро Деандреа од Универзитетот во Торино, Италија, кој ќе зборува за општествените и историските теми во музиката на Дејвид Боуви. Програмата ќе се одржи целосно онлајн со претходна регистрација на заинтересираните. Настаните се отворени за сите студенти од сите универзитети во земјата.