Мегафон

„Струшките вечери на поезијата“ се враќаат во редовно издание на препознатливите локации

„Струшките вечери на поезијата“ се враќаат во редовно издание на препознатливите локации

„Струшки вечери на поезијата“ како еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали ќе се одржи и годинава, во вообичаениот термин, на крајот на август во своето автентично издание на препознатливите локации.

Свеченото отворање на фестивалот повторно ќе се одржи на вообичаената локација, платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ каде што ќе биде запален и фестивалскиот оган, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата.

Годинешниот лауреат на СВП, истакнатиот јапонски поет Шунтаро Таникава поради својата поодмината возраст (91 година) и поради здравствени ризици нема да биде во можност физички да присутвува на фестивалот. Неговиот син, Кенсаку Таникава, истакнат јапонски композитор и пијанист, ќе го прими „Златниот венец“ во име на неговиот татко.

Кенсаку Таникава во рамки на портретот на лауретот во „Св. Софија“ во Охрид, ќе има специјален музички настап инспириран од стиховите на Шунтаро Таникава.

Специјален гостин на годинешното издание е лауреатот на СВП во 2020 година, израелскиот поет Амир Ор.

Програмата на фестивалот ќе се одвива во периодот од 25 до 29 август и ќе ги задржи препознатливите програмски содржини на фестивалот. Повеќе од 25 странски поети, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања.

Во состав на програмата е предвидено меморијално чествување на доајенот на македонската поезија, Радован Павловски, вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година, Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети.

Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „ВЕРСОПОЛИС“, проект поддржан од Европската Комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.

Струшките вечери на поезијата се одржуваат под мотото „РИТАМ НА СТИХОТ, РИТАМ НА ЖИВОТОТ“ со кое се потенцира исконската врска помеѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската помеѓу поезијата и музиката. Во рамки на програмата на фестивалот, ќе биде промовирана и Антологијата поезија и музика, тематски избор на песни од истакнати домашни и странски поети чијашто тема е музиката.

Свеченото отворање и свеченото затворање на СВП ќе се одвиваат на препознатливите локации, а во останатите денови, претпладневната програма е предвидена да се одвива во Конгресната сала на хотел „Дрим“, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Програмата на фестивалот, почнувајќи од изданието во 2019 година, целосно се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од страна на поширокот аудиториум.

„Струшките вечери на поезијата“ го задржуваат континуитетот на одржување на фестивалот, кој почнувајќи од 1961 година ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот.

извор:курир.мк

To top