Радио Милева
на принуден одмор...

Стефан Лазаров „остана на улица“: Јутјуберот бара работа, приложи и видео CV со лепеза работни способности и вештини (ВИДЕО)

Стефан Лазаров „остана на улица“: Јутјуберот  бара работа, приложи и видео CV со лепеза работни способности и вештини (ВИДЕО)

Откако најпознатиот македонски јутјубер Стефан Лазаров ја крена јавноста на нозе со својот прв „новинарски подкаст“ во кој гостин му беше Драган Павловиќ Латас, па по хајката обајцата  обајцата завршија со „отворен предмет“ и обвинение во јавното обвинителство, по препорака на истото и јутјуберот и гостинот добија забрана за јавни медиумски настапи од Основниот кривичен суд Скопје.

Или во превод – Стефан Лазаров барем засега, не ќе може да го користи својот Јутјуб канал, што ќе рече – остана без работа, спонзорите му откажаа, а со тоа остана и без приход.

Откако неодамна правеше веридба, а и ја најави свадбата за годинава, за да не мора да биде домазет што ќе го рани невестата, Лазаров реши „принудно да смени професија“. Аналогно на ваквата одлука, јутјуберот решил да бара работа. И тоа јавно.

За среќа, Инстаграм профилот не му го укинаа ниту забранија, па токму на своите Инстаграм приказни Лазаров реши да ги понуди своите работни способности вештини, па кој сака, нека види, размисли и ако му фаќа око, може слободно да го ангажира. Патем, откако лани добро се набилда, ни на крај памет не му паѓаше дека ќе дојде време кога  еден ден мускулите ќе му го вадат лебот и колку – толку, полнат џебот. Арно ама и тоа се случи, па затоа Лазаров одлучи јавно да се понуди, па дури и CV  да приложи.

Млад, здрав, прав, силен, строен, копачот за него е како детска играчка на песок во плажа. Требало дупка или канал да се ископа, бавча или градина да се прекопа или цвеќињата во нечиј двор, викни го Лазаров – цена по договор!

Како алтернатива во предвид доаѓа и работа со она што во позадина може да се види дека се движи и белее… Дете младо, да биде пастир на стадо, кога веќе мора од нешто да се живее.

Шегата настрана, откако веќе претходно шегата ѓаволот ја зема, Лазаров сфати дека срам од работа – нема! Каква и да е, колку да е тешка или лесна, само да е чесна… И секако, пристојно платена…

Како  онаа, кај другар му Ерко берберот, кој како на брат, прв му излезе во пресрет и му даде шанса за нов предизвик и нова „работна романса“… За почеток со метлата, како секој чирак! Брат за брат, чиракот за хигиена на подот во дуќанот и трк по кафе, цигари и бурек… Додека чиракот не стане калфа!

Впрочем, Лазаров малку претходно, небаре е јасновидец, како сам да си ја претскажа судбината, покренувајќи иницијатива дека срам од знает – нема. Само неколку месеци подоцна, претскажувањата му се обистинија, па иницијативата за која се залагаше и ја покрена, лично нему му се најде!

Во меѓувреме, додека не ја заработи првата плата, оние што до вчера ги рекламираше, редно е сега кога му е најтешко, да му се најдат и да се покажат како вистински мажи. Едно брзо бескаматно кредитче и… Белким понудата се’ уште важи?

Фото: Инстаграм принтскрин/mr.barber2019/_lazarovv

 

 

Останати вести од Радио Милева