Ве известуваме дека новиот специјализиран канал за детска програма МРТ 5 започна со емитување програма.
Македонската Радио Телевизија, според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, е должна да создава и емитува програми од јавен интерес наменети за широката популација.
Претендирајќи да биде модерен јавен сервис кој има значајно место на медиумската сцена, а со цел реализација на препораките од Владата на Република Северна Македонија, ЈРП Македонската Радио Телевизија почнува со емитување на Детскиот канал на МРТ – МРТ 5, нов ТВ програмски сервис од јавен интерес.
Следењето на мислењето и реакциите на јавноста, ја наметна потребата од специјализирани програми наменети за прецизен таргет на публика. Содржини за деца и млади ќе бидат основа за креирање на програмската шема на Детскиот канал на МРТ.
Овој нов предизвик за МРТ, всушност претставува континуитет на улогата и влијанието што го има Образовната програма на МТВ во формирањето на личноста на децата и младите луѓе и во градењето на нивниот критериум за вистинските вредности.
Современиот пристап во изборот на содржините кои едуцираат, информираат и забавуваат, како и понудата на сите жанрови програма за деца, се гаранција дека Детскиот канал – МРТ 5, ќе има голем број ТВ конзументи од целната група.
Гледачите кои ги следат програмите на Македонската Радио Телевизија преку кабелските оператори А1 и Телекабел, ќе можат да го следат новиот Детски канал – МРТ 5, откако ќе ги прескенираат своите ТВ приемници или Сет-топ бокс уредите.
Корисниците на Македонски телеком, без никаква интервенција, ќе ја добијат можноста да го следат Детскиот канал – МРТ 5.
Гледачите кои ги следат програмите на Македонската Радио Телевизија преку DVB-T мрежата на ЈП МРД (односно го примаат сигналот со антена), за да го следат новиот Детски канал – МРТ 5, треба да ги прескенираат програмите на своите ТВ приемници или Сет-топ бокс уредите