Мегафон Ништо лично

Совршенството на политичкиот канибализам во „ослободената“ Македонија

Совршенството на политичкиот канибализам во „ослободената“ Македонија

Во Македонија политичкиот канибализам,  не е чудно што најмногу е изразен помеѓу политичарите – Македонци. Иако не е нова појава, овој пат го достигна врвот на своето совршенство. Во моментов сведоци сме на политички канибализам кој го спроведува владеачката партија (иако како појава, за жал, не е нов и непознат и за останатите политички партии). Ова уништување на сопствената крв, за голем дел од нејзините членови претставува основно и единствено погонско гориво од кое што таа ( гарнитурата на власт), ја добива енергијата и мотивот за работа. Откако ги совладаа внатрепартиските конкуренти (до вчерашните браќа и сестри, другари и другарки), сега полни со самодоверба и со политичка глад, но во комбинација со немоќ, запоседнуваат некоја политичка функција, а потоа удираат по сите политички неистомисленици и тоа толку сурово што се решени да одат најжестоко до сега… до крај. Мора да бидат најжестоки затоа што само така ќе успеат да ја затскријат својата неспособност пред гласачите од кои ја добиле поддршката, а воедно со тоа ќе се обидат да ја оправдаат и пред своите сопартијци, суровоста кои ја примениле и врз нив, при реализирањето на сопствените цели.  А, ако и тоа не е доволно тогаш се подготвени да одат уште пожестоко!

Меѓутоа „еволуирањето“, до ниво на совршенство, на сегашниот политички канибализам, кој патем е во функција на  разединување на „ослободената“  Македонија, го препознаваме и по тоа што сега, канибалите веќе станале зависни од истиот.

Како?  Еве како, храна никогаш доста…

Фокусот на своето дејствување го насочија врз луѓето кои се светски  препознатлив бренд за Македонија. Тоа се луѓе патриоти во вистинска смисла на зборот, луѓе со своја независна интелектуална мисла, луѓе – уметници, идоли на младината, луѓе кои не направиле никаков грев (освен ако за грев може да им се препише љубовта кон својата една и единствена татковина, Република Македонија), но и луѓе кои во текот на својата кариера никогаш не се откажале од Македонија. Новата цел на канибалите сега не е да им се допаднат само на своите сопартијци или само на своите гласачи туку индиректно, се додворуваат на претставниците на меѓународниот фактор во Македонија. Во неможност да го препознаат интересот на  сопствената држава (заслепени од лични интереси), во рамки на интересите на големи тесили, свесно го уништуваат и рушат духот на сите нови генерации млади Македонци чии идоли се политички прогонуваните уметници! Каква иронија…Решени се, по секоја цена, да се додворуваат кај претставниците на големите сили, дури и ако таа цена е уништување на самиот себе си.

Дека ова совршенство на политички канибализам ги надминува сите досегашни познати форми на дејствување, оди во прилог фактот што јас не познавам ниту еден друг пример во Македонија, но и пошироко, каде што уметници, во мирновременски услови на функционирање на државата,  се обвинети за тероризам и тоа само поради тоа што јавно ги искажале своите ставови во однос на некои прашања, а за кои добиле поддршка од народот. Да се оправдуваат со образложението дека  така било и претходно, не држи вода.  И затоа сега директно се обраќам… Ако веќе знаете и научивте како не треба, тогаш треба да ви е полесно да постапите така како што треба. Но, ако жедта на зависникот канибал во вас, е толку голема за да не може да се контролира, тогаш слободно нахранете ја со нас, останатите ,,терористи”, кои сме дел од некоја друга политичка партија, но никако не правете го тоа преку рушење на духот на  младите генерации на Македонци, Албанци, Турци, Срби, Хрвати, Власи, Роми, Бошњаци… чии идоли се овие уметници, затоа што со ваквите постапки им допирате во нешто свето. Овие млади генерации  се носители на идната независна и обединувачка интелектуална мисла во Република Македонија, а примерот што им го сервирате, за нив претставува удар што носи огромно разочарување и револт.

Пишува: Иванчо Тошевски, член на совет на општина Битола

To top