Мегафон

Состанок на фолклорните ансамбли од Македонија, Србија и Хрватска: „Шоуто мора да продолжи“, но како?

Состанок на фолклорните ансамбли од Македонија, Србија и Хрватска: „Шоуто мора да продолжи“, но како?

„Шоуто мора да продолжи“, но како? – беше темата на денешниот прв работен онлајн-состанок на раководствата на трите најголеми сродни национални институции од регионот, кои го негуваат музичко-сценскиот фолклор, за побрзо справување со актуелната состојба и подготовка за безбедно враќање на работа на уметниците во ансамблите. По иницијатива од НУ „Танец“ се одржа првиот онлајн-состанок со раководствата на српскиот „Коло“ и хрватскиот „Ладо“.

Впечатокот на сите соговорници беше дека овој начин на здружено барање решенија за надминување на проблемите во заедничката сфера на дејствување е од непроценливо значење и сите безрезервно ја поздравија иницијативата. На дневниот ред беа и размислувањата за формите на концертирање на отворено, големите ограничувања на настапи во затворени сали, проблемот со веројатниот скептицизам и кај уметниците и кај публиката за учество на концертите и сите можни сценарија за јавни настапи во услови на различни рестриктивни мерки.

Притоа, не смее да се заборават и оригиналните традиционални носии, кои во зависност од концептот на сценското претставување ги менуваат меѓу себе многу членови на ансамблите и кои бараат посебни услови за чување и дезинфекција.
На крајот беше разговарано и за најделикатниот сегмент, програмата и репертоарот на новите претставувања, кои директно навлегуваат во природата на материјата со која се занимаваат институциите, а тоа е фолклорната традиција. Сите беа согласни дека на тој план не смеат да се направат отстапки што ќе ја сквернават традицијата и директно ќе се одразат на естетиката и стилот на фолклорните творби.

Во сите три култури доминира колективната форма на изразување и камерното претставување на игрите не може да биде опција. Оттука, размислувањата на сите учесници на состанокот беше дека првите јавни настапи на институциите треба да се насочат кон вокални и инструментални концерти во помал обем и тие да се случуваат главно на отворено. Но за да може да се дојде до оваа фаза, прво треба владите и ресорните министерства да овозможат и да гарантираат безбедни услови за почнување со работа на овие, од многу аспекти, специфични и комплексни колективи од областа на културата.

To top