Македонија отсекогаш имала свои тинејџерски музички идоли… Денес ги има новите како Антониа Гиговска, Мартија Станојковиќ, Таско, 2 Бона… а кон крајот на 90-ите и почетокот на новиот милениум едно младо момче, средношколецот со бебешко лице и широка насмевка преку ноќ ги освои симпатиите и срцата на неговата генерација.
Се појави речиси од нигде- никаде и веќе со својата прва песна, баладата „Не ги гаси свеќите“ ги обори на колена тинјџерите, особено тинејџерките кои паднаа многу повеќ на неговиот сладок изглед, шарм, харизма… отколку на којзнае каквите вокални способности. Но и песните кои најпрвин му ги пишуваше Роберт Саздов (Ластовица/Куку Леле) беа такви: едноставни, лесни, наивни, невини, со стихови полни со „прва љубов и тинејџерска страст“, на што покрај изгледот на пејачот паднаа девојките.
Сашо Спасовски веќе по првата песна стана „новото дете“ кое ги заскокотка нивните срца, а по следните кои стануваа една по една хитови како: „Пијан и млад“ или „Животе сладок си“, секаде каде што ќе се појавеше публиката воглавно составена од млади девојчиња „кубеше коси“, туркајќи се да го види одблизу, да го допре, да се запознае со него, да му земе автограм…
Во неговите видеа тогаш се појавуваа најубавите македонски девојки, манекенки, мисици, модели…
Менаџерскиот дел од кариерата миу го презедесега покојниот Ацо – Конга од групата „Нокаут“, а композиторското место на Саздов го замени со клавијатуристот Дејан Миновски, еден од оснивачите на групата „Меморија“ уште во нејзините зачетоци, во фазата кога правеа музика за театарски проекти.
Албумот „Што носи иднината“ по се изгледа беше преголем залак да се направи вториот чекор, па иако на него имаше и по некој хит како „Не ми глуми женска“.
и покрај големата помпа не помина онака како што се очекуваше, а младиот шармантен и насмеан убавец Сашо, како што се појави, така преку ноќ како да исчезна од естрадата. Престана да снима песни и спотови, престана со настапите, ја батали естрадната кариера и реши да оди чекор погоре, заминувајќи да студира на музичката акаемија во Софија – соло пеење.
По студиите и враќањето дома, Сашо сепак никогаш не и се врати на музиката, не баре во онаа форма во која јавноста го запозна – како поп ѕвезда. НО зажал, никогаш пак ниту застана на оперската сцена во некоја улога, во професијата за која се едуцираше и студираше.
Денес иако формално се води како вработен во семејната фирма за изработка, монтажа и одржување на големи разладни уреди, тој има свое студио во кое компонира музика за филм.
По малкуте фотографии што можат да се најдат за него тинејџерот кој денес е зрел човек не е многу променет.
Можеби за нишка посериозен во изразот, со некое вакно помалку коса, но Сашо Спасовски се’ уште е со истата онаа шармантна насмевка на неговиот „бејбифејс“ лик со која ја освои својата генерација девојчиња, кои денес се зрели жени, повеќето однив сопруги и мајки на своите дечиња.
А Сашо…? Се ‘ уште „пијан од сопсвените соништа“ и „млад“ во духот и понатаму води своевиден „сладок живот“… ергенски!