Сара Мејс е во поодминато доба на својата бременост. Таа и нејзиниот животен сопатник секој ден ја очекуваат својата прва принова. А кога е новороденче во прашање, особено прво дете, се разбира адетот наложува да се почестат пријателите и роднините со мекици!
Некои адетот го тераат дома, некои во кафеана, но најчесто сите последниве години мекиците ги нарачуваат и набавуваат, веќе готови. Најчесто сите, ама не и тој – несудениот татко, Димитар Атанасовски.
И додека Сара брои ситно, водителот, во случајот вреден и одан сопруг, како вистинско домаќинско дете реши да спои убаво и полезно: ем да ја изненади идната мајка, ем да си направи штик проба. Генерална, со домашно приготвени мекици!
Па Диме ги засука ракавите, го замеси тестото, го покисна, па ги „исука“ мекиците, кои така убаво испржени, онака сочни, а крцкави, топли и ги сервираше на сопругата за викенд појадок.
А трудница, како трудница, не им одолеа, па мекиците за миг ги снема од софрата. Но, уште пред да ги проба, Сара ги овековечи, па ги постираше на социјалните мрежи со еден куп пофални зборови за својот вреден сопруг – домаќин: „На Гугл да те барав, немаше да те најдам“! – напишала таа покрај фотографијата!
Генералната проба успешна, невестата сита, семејството на број… Се чека само вистинскиот момент да се сподели радоста со тазе домашно приготвени мекици, од проверениот рецепт, ала тато Димитар!