Драги наши,
20. ноември… Денот кога пред точно четири (4) години започнавме со работа… Се појавивме во македонскиот медиумски простор, започнавме официјално да постоиме. На 20 ноември 2013 година се роди… Вистина.мк се роди! И еве не се’ уште сме тука. За Вас и вашата љубопитност, заради Вас и Ваша информираност, со Вас за заедничка (до)едукација, релаксација, забава…
Се’ уште оние истите, можеби со променета визура, освежени во ликот, во изгледот, веруваме „подмладени“ со ристајлингот, ама се’ уште верни на максимата и целта која си ја поставивме уште од првиот ден: да ги создаваме информации наместо да чекаме сами да ни дојдат, да им одиме во пресрет на настаните и збиднувањата, наместо да чекаме некој друг да ни раскаже што таму се случило, а ние само тоа да го преџвакаме, да загребеме под површина за да ја ископаме вистината, наместо компромисно да Ви сервираме фингирани приказни, испеглани информации, премолчени факти… Затоа на Вистина.мк секогаш има приказна… која другите ја немаат! Или ја имаат, превземајќи ја од нас, а претставувајќи ја како своја!
Зашто за жал, живееме во држава без законска регулатива во оваа сфера… Во „село без кучиња“, во кое на секоја „џукела“ и е дозволено да лае, а секој „лингур“ да се претставува како расен пес, хранејќи се со остатоците од туѓата, украдена коска!
Но, сеедно… Ние ветивме дека ќе бидеме свои и само свои и такви ќе останеме. Што значи, интригантни и забавни, провокативни и шокантни, гламурозни и екстравагантни, хумористични и сатирични, но и едукативни и издржани, омилени и омрзнати, информативни и промотивни, сериозни и ригорозни, доблесни и бескомпромисни… Се со цел да Ви ја доближиме реалноста. Такви сме и такви останавме од првиот ден па се’ до денес!
Зашто… само една има Вистина… Вистина.мк, се друго е … Знаете веќе што!
Затоа, од се срце Ви благодариме што и во овие тешки медиумски времиња ни останавте верни, до ден – денес останавте со нас. А, ние и понатаму ќе се потрудиме да Ви понудиме не само повеќе. Туку како и до сега, да Ви понудиме нешто сосема поразлично од другите!
Редакција Вистина.мк