Германското списание „Шпигел“, кое прво ги објави обвинувањата дека Кристијано Роналдо силувал девојка во Лас Вегас во 2009 година, информира дека „нема причина“ за сомневање во автентичноста на клучните документи за случајот.
Самиот Роналдо негира дека ја силувал Кетрин Мајорга во хотел во Лас Вегас. Адвокатите на фудбалерот на Јувентус, пак, во средата обвинија дека документите се „целосно фабрикувани“.
Сепак, германскиот мегазин е убеден во веродостојноста на своите извори.
– Имаме стотици документи од различни извори, кои ги потврдуваат нашите статии. Стоиме зад нашите откритија. Немаме причина да веруваме дека овие документи не се автентични. Покрај тоа, како и секогаш пред да објавиме напис во „Шпигел“, ние темелно ги проверуваме информациите и ги прегледуваме легално. Изјавата што беше објавена од (адвокатот) Петер Кристијансен од името на Кристијано Роналдо го демонстрира вообичаениот пат по кој господин Роналдо и неговите адвокати пристапуваа во минатото, кога неуспешно се бореа против нашата истражувачка работа, соопшти германскиот весник.
„Шпигел“ додава дека во статијата се цитираат две верзии на документ со изјави од Роналдо. Се работи за извештај што доаѓа од неговите адвокати и ја опишува ноќта во која се случило наводното силување.
– И во двете верзии се вели дека тој се извинил веднаш потоа. Во подоцнежна верзија на овој извештај, господин Роналдо ги негира обвинувањата за силување и негира дека и се извинил на госпоѓица Мајорга. Кога објавивме статија за договорот меѓу двајцата во 2017 година, неговите советници го нарекоа „новинарска измислица“. Сега господинот Роналдо признава дека се договорил. Пред да ја објавиме нашата приказна за обвинувањата за силување господин Роналдо и неговите адвокати имаа можност да одговорат на обвинувањата. Тие можеа да ги оспорат фактите што им ги доставивме. Тие не го направија тоа, велат од „Шпигел“.
Весникот посочува дека во тој момент тие не изјавувале дека делови од нивните информации се „чисти измислици“. Еден од адвокатите на Португалецот се заканил со тужба, поради „нарушување на личните права на Роналдо“.
– Сè уште не сме добиле ништо, додава „Шпигел“.
(Миа)