Мегафон

Репертоарот на Театар Комедија годинава стартува со претставата „Жени во Собрание“

Репертоарот на Театар Комедија годинава стартува со претставата „Жени во Собрание“

Репертоарот на Театар Комедија во 2023 година стартува со претставата „Жени во Собрание“, која ќе биде изведена на 27 и 28 jануари, но и на 1 и на 2 февруари. Станува збор за комедија работена според истоимениот текст на античкиот комедиограф Аристофан, во препев од проф. д-р Валериј Софрониевски и според текстови на Билјана Крајчевска и актерската екипа, а во режија на Ќендрим Ријани.

Знаеме дека античките жени немале формална политичка моќ и права, а доколку имало такви – завршувале трагично (Клитемнестра, Медеја, итн.). Еден од малкуте примери каде што имаме впечаток дека добиваме далеку попозитивна верзија на женската моќ е комедијата „Жени во Народно собрание“ на Аристофан – вели драматургот на претставата, Билјана Крајчевска.
Нејзини, но и текстови од актерите-учесници се вклучени во драматизацијата на претставата. Таа открива дали доколку владеат жените ќе имаме похумани општества, или и поубавиот пол е склон кон екстреми.
Во претставата играат Зорица Нушева, Ева Скендеровска, Наталија Теодосиева, Кристина Христова Николова, Благица Трпковска, Ангела Стојановска.

На 4 февруари ќе биде изведена комедијата „Женска гардероба“. Работена е по текстот на чешкиот автор Арношт Голдфлам, а во режија на Наташа Поплавска. Претставата е направена од сопствени средства на Театар Комедија, но и со финансиска помош на амбасадата на Република Чешка во Македонија и од стопански субјект од оваа европска држава.

– „Женска гардероба“ е современа комедија која ни го открива и ни го покажува она што публиката најчесто не може да го види – животот на актерите зад сцена. Станува збор за пиеса која ни ги раскажува приказните на четири актерки на различна возраст, кои сакаат различни нешта, но она што ги спојува и ги врзува се гардеробата и театарот со сета негова магија и страст – велат од Комедија.

На 10 февруари, пак, ќе биде изведена претставата „Илуминати“, работена според култниот филм „39 скали“ на Алфред Хичкок, во режија на Синиша Евтимов. Театар Комедија и оваа претстава ја направи од сопствени средства во изминатата година.

– Жанровски претставата е уникатен спој на трилер, акција и комедија, со елементи на ноар и со филмски јазик. Приказната се одвива околу главниот херој, Кирил Балкан, што го толкува актерот Тино Костадиновски. Тој заедно со плејадата споредни ликови, вешто интерпретирани само од тројцата актери Наталија Теодосиева, Сергеј Димовски и Атанас Атанасовски, нè води низ својата животна приказна со несекојдневни патешествија – стои во најавата за овој театарски чин.

To top